Додека заинтересираните купувачи го чекаат појавувањето на C8 Chevrolet Corvette, последниот произведен примерок од C7 во јуни ќе се продава на аукција.
Иако во Америка има сè уште непродадени примероци од C7 Chevrolet Corvette, последниот произведен примерок со сигурност за кратко време ќе го добие сопственикот кој за него ќе даде најголема понуда. C7 е воедно и последниот модел со мотор поставен напред. Аукцијата е закажана за крајот на јуни, а ќе ја спроведе аукционерската куќа Barrett-Jackson.
Последниот произведен примерок е со црна боја so 6,2-литрен LT4 V8 мотор со суперполнач, кој испорачува 650 коњски сили, а силата ја пренесува на тркалата со помош на мануелен менувач со 7 степени на пренос. Автомобилот е опремен со 3LZ пакет на опрема кој со себе носи многу кожа, снимач на податоци од перформансите, навигација, Android auto, Apple CarPlay систем.
Кога станува збор за аукциите на овој тим, парите што ќе се соберат обично се донираат за добротворни цели, а овој пат средствата ќе бидат уплатени на сметката на фондацијата Stephen Siller Tunnel to Towers.
Продажбата на првиот и последниот примерок на автомобилите секогаш привлекуваат внимание и за нив сопствениците издвојуваат големи суми на пари. Така, првиот модел на Mustang Shelby GT 500 на аукција е продаден за 1,1 милион долари, додека купувачот на првата Toyota Supra издвои дури 2,1 милион долари.