Покажете им на децата колку е важна грижата за менталното здравје

 

Ако детето го боли грлото, знае дека треба да се лекува; ако го изгребе коленото – исто така, меѓутоа, ако има некаков ментален проблем, можеби нема да знае да го покаже тоа. Одржувањето на менталното здравје е подеднакво важно и за возрасните и за децата.

“Порано го истражував нивото на стрес кај средношколците кои аплицираат за упис на факултет, но сега во ординација ми доаѓаат петгодишни деца кои се борат со анксиозни нарушувања и засилен стрес”, вели Кејти Харли, детски психотерапевт.

Новинари од Хафингтон пост разговарале со стручњаци од областа на психологијата и на педијатријата, со цел да ги научат родителите дека треба да ги едуцираат децата за важноста на менталното здравје. Тие понудиле неколку интересни начини со чија помош децата би научиле да ги изразуваат своите емоции и би научиле да се грижат за своето ментално здравје, подеднакво како и за физичкото.

Методот “емоционален вулкан”

Харли зборува со децата и со родителите за нивните чувства користејќи го методот “емоционален вулкан”. Таа на бела табла црта вулкан и им објаснува дека секој човек во текот на денот доживува различни чувства, а чувствата кои не ги изразуваме остануваат во вулканот и нивниот интензитет сè повеќе расте додека не се случи ерупција. Тоа е моментот кога детето плаче, шутира и фрла предмети.

Спред Харли, многу родители ова го сметаат за нарушување, меѓутоа, повеќе станува збор за емоции со кои не сме се занимавале. Затоа е важно да ги научиме децата да зборуваат за своите емоции.

Бидете им пример и внимавајте на сопствените навики

Многу студии потврдуваат дека социјалните медиуми и компјутерските игри влијаат на однесувањето на детето, на неговото расположение и на навиката за спиење. Кетрин Вилијамсон, педијатар, советува да се воведат правила за забрана на користење на мобилниот телефон за време на оброкот или за играње видеоигри пред спиење. Исто така, важно е на детето да му ја покажете и сопствената чувствителност, за и тоа без проблем да сподели со вас некој свој проблем.

“Можете да кажете, на пример – денес имав проблем на работа, не сум сигурна дека најдобро се справувам со него, но давам сè од себe”, вели Вилијамсон.

Внимавајте на кој начин разговарате со децата

Рејчел Бусман, клинички психолог, вели дека е многу важно родителите да не носат заклучоци за децата врз основа на нивната фацијална експресија, туку да му пружат можност на детето да опише низ што поминува и како се чувствува.

“Ако видите дека детето прави гримаса на некоја стресна случка, наместо да му кажете ‘Не се нервирај’, подобро би било да кажете ‘Изгледаш вознемирено, што се случува, добро ли си?’. Многу е важно детето да ви каже како се чувствува”, вели Бусман.

Ако ве интересира како на детето му поминал денот во училиште, избегнувајте општи прашања од типот – како беше во училиште?, затоа што децата на вакви прашања одговараат кратко и без многу информации. Подобро прашајте го дали се случило нешто интересно во училиште.

Научете ги да пишуваат приказни

Пишувањето приказни може да помогне во ублажувањето на стресот и да помогне во случаи на анксиозност и на депресија. Психологот Дијана Марони на нејзините мали пациенти им дава да пишуваат приказни. Таа го покрена Imagine проектот во кој децата пишуваат што им се случило ако се под стрес, имаат некаква траума или се анксиозни. Тоа им дава надеж, а за децата надежта е најважна.

 

Забрането е копирање на текстот!