Поголем обем на струкот – поголеми шанси за смрт

 

Лицата со поголем обем на струкот имаат повисок процент на опасност од болести и смрт, а притоа вкупната тежина и не е толку битна.

Лекарите се сè повеќе загрижени од зголемувањето на бројот на дебели луѓе, а тука се мисли и на луѓето со зголемен обем на струкот заради масни наслаги. Истражување спроведено во САД покажало дека лицата со зголемен обем на половината предизвикан од таложење на сало, имаат поголеми шанси за кардиоваскуларни болести и смрт.

Епидемиологот Ерик Џејкобс и неговите колеги од Американското друштво за рак направиле истражување на 100 000 повозрасни Американци. Истражувањето опфатило и мажи и жени, богати и сиромашни, пушачи и непушачи, кои го мереле обемот на нивниот струк во период од девет години.

Во тој период, починале 9 300 мажи и 5 300 жени од учесниците во истражувањето. Истражувачите ги анализирале податоците од овие луѓе, предвид ги зеле и нивната висина, тежина и обем на половината. “Откривме дека колку е поголем обемот на половината, толку е повисок ризикот за смрт”, вели Џејкобс. “Оние што имале најголем обем на струкот, имале и двојно поголеми шанси да умрат, во споредба со луѓето со најмал обем на струкот”, додава тој.

Смртта кај нив настапила како последица на повеќе причинители, не само рак, срцеви и белодробни болести. Едноставно, со самото тоа што имале поголем обем на половината се зголемила веројатноста дека побрзо ќе умрат. Анализата на Џејкобс покажала дека дури ни тежината не игра улога, туку само сантиметрите на струкот. Според него, има нешто опасно во таложењето на сало околу половината, што ги зголемува изгледите за смртен исход.

“На пример, помеѓу жените кои имале тежина нормална за нивната висина, ризикот за смрт се зголемувал за 25 % со секои 10 см вишок во обемот на струкот”, вели Џејкобс. Тој објаснува дека лице што има седентарен живот и лице што е активно, можат да имаат иста тежина, но лицето кое не вежба ќе има веројатно повеќе масно ткиво на стомакот и околу половината. Тежината на активниот човек доаѓа повеќе од мускулната маса која е погуста од салото, па затоа додава тежина без да додава сантиметри во појасот.

Според истражувачите, дури и ако имате тежина што се смета за нормална за вашата висина, дури и ако не сте забележале дека добивате многу на тежина, ако почнува да се зголемува обемот на вашата половина и мора да преминете на поголема величина на панталони, тоа е сигнал дека треба да почнете поздраво да се храните и да почнете повеќе да вежбате.

Тие нагласуваат дека не постои пократок пат за да го изгубите “пивскиот стомак”. Единствениот докажан метод да се ослободите од салото е преку исхраната и вежбањето.

 

Don`t copy text!