Психологија

Поаѓањето во градинка не мора да биде стресно

 

Многу дечиња тргнуваат за прв пат во градинка секоја година. Процесот на транзиција од седење дома со мама/баба или некој друг кој што го чувал детето може да биде стресен и за децата и за родителите, бидејќи и едните и другите се соочуваат со нова и непозната ситуација надвор од домот: нова средина, нови другарчиња, нови лица во вашиот живот кои ќе се грижат за вашето дете. Стравот, вознемиреноста и тагата заради разделбата кои доаѓаат со новото и непознатото се нормални, но постојат нешта кои можете да ги направите за да го олесните тој процес и за вас и за вашите малечки.

  • Запознајте го вашето дете со градинката која ќе ја посетува, шетајте често во нејзината околина, ако е дозволено влезете и внатре за детето да се запознае со просториите во кои ќе престојува и со воспитувачките кои ќе се грижат за него.
  • Читајте му на детето книги и сликовници кои се занимаваат со темата на тргнување во градинка. Зборувајте со него за чувствата на главните ликови и прашајте го што мисли и како се чувствува во врска со тоа. Раскажете му што го очекува во градинка, бројте ги заедно деновите до почетокот или бележете ги на календар, покажете позитивен однос и став кон оваа промена. Децата се сензори за емоциите и расположенијата на возрасните и ако детето види дека сте загрижени или тажни, потешко ќе го прифати одвојувањето од домот. Грижите и тагата оставете ги за разговорите со вашите пријатели.
  • Научете го детето само да се облекува/соблекува, само да јаде, да знае да користи лажица и виљушка, чаша за вода, да знае да облече самото обувки/топлинки, да знае да закопчува патент и копчиња. Исто така важно е детето да знае да се грижи за личната хигиена: да измие рачиња со сапун, да ги избрише, да знае да го исекне носот, да оди во тоалет.
  • Кажете му на детето дека е нормално да се чувствува среќно, тажно, возбудено, загрижено… сите се чувствуваме така понекогаш. Споделете со него некоја случка или настан кога сте се чувствувале тажни или среќни, или кога сте биле возбудени заради нешто.
  • Бидете трпеливи во периодот на адаптација. Можно е детето да стане луто, агресивно, или пак да се повлече и да биде тажно. Бидете тука за него, дружете се, зборувајте, шетајте, играјте, правете тоа што сака детето да правите заедно, бидете присутни за него.

Две до три недели пред почетокот:

  • Заедно одберете ранче или уште подобро дозволете му на детето само да го одбере ранчето кое ќе го носи во градинка. Така ќе се чувствува “големо”, ќе биде гордо на својот избор и ќе има чувство на контрола. Покажете му како да си го намести ранчето на грб и како да го извади од грб.
  • Играјте менување улоги со вашето дете, едниот нека биде мама, а другиот детето кое возрасниот ќе го носи во градинка, да се навикне детето на рутината која следува кога ќе почне да оди во градинка.
  • Обележете ги неговите работи. На ранчето, чевлите, облеката… напишете го името на детето со перманентен маркер.
  • Објаснете му на детето кој ќе го носи во градинка, кој ќе го зема и во колку часот. Можеби не знае да гледа на часовник, но ќе запомни дека кога малата стрелка ќе биде на 4 а големата на 12, мама ќе дојде да го земе. И секако, потрудете се да дојдете во времето кое сте му го кажале, тоа дополнително ќе го смири и успокои.
  • Легнувајте го детето порано навечер, така што кога ќе дојде време да стане за во градинка ќе биде одморено и ќе имате доволно време да се подготвите за излегување наутро, без брзање, викање и стресови.

Еден ден пред почетокот:

  • Дозволете му на детето да ја одбере облеката што ќе ја носи првиот ден во градинка, а која ќе биде соодветна на временските услови.
  • Заедно спакувајте го ранчето. Ако сака, дозволете му на детето да земе некој предмет од дома кој ќе му ја олесни транзицијата, ќе го смири, ќе му биде линк со домот и со вас: омилената играчка, ќебенце, слика од вас…
  • Легнете го детето на време, за да има доволно време да се одмори, да не се разбуди утредента уморно и кенкаво.
  • Ако детето сака, зборувајте за утрешниот ден, одговорете му ги сите прашања кои евентуално ќе ги има.

Првиот ден во градинка:

  • Разбудете се и станете малку порано за да не мора да трчате накај градинка и да имате доволно време да се подготвите и поздравите.
  • Раскажете му на детето како ќе изгледа тој ден, што ќе правите, за да знае што да очекува.
  • Бидете позитивни, насмеани и не се задржувајте предолго пред вратата на градинката. Создајте некоја рутина која ќе му биде утеха на детето, на пр. бакнеж на дланката кој ќе го “чува” додека е без вас.
  • Ако е многу вознемирено, прашајте ги вработените дали дозволуваат родителот да поседи кратко со детето додека да се смири и заигра, и додека да запознае некои од дечињата во групата.
  • Откако ќе излезете, ако го слушнете детето да плаче, не се враќајте назад за да го смирите. Тоа ќе му испрати порака дека мама секогаш ќе се враќа ако заплаче и може да го отежни процесот на адаптација. Ако сакате може да почекате пред градинката додека слушнете дека детето се смирило и потоа заминете.

 

Слични написи

Сиромашните луѓе сочувствуваат повеќе отколку богатите

Biba

10 сензорни стратегии за поддршка на учењето на далечина за вашиот тинејџер

Biba

Како да препознаете контрол фрик

admin

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.