Психологија

Перфекционизам – потрага по совршенство

Дали се препознавате во некое од следните тврдења?

  • Тешко ви е да ги исполнувате вашите сопствени високи очекувања; колку добро и да ви оди, секогаш имате чувство дека може да биде и подобро
  • Се оптоварувате со детали, без оглед на тоа колку се мали
  • Стравот од неуспех ве тера една задача опсесивно да ја анализирате и прегледувате додека не бидете сигурни дека нема никаква грешка
  • Размислувате црно-бело: сè или ништо; или ќе биде направено како што треба, или нема воопшто да биде направено
  • Имате потешкотија кога почнувате некоја задача, се плашите дека нема да ја сработите совршено и заради тоа ја одложувате
  • Не обрнувате внимание на она што веќе сте го постигнале и во кое сте биле успешни, го гледате само она што допрва треба да се сработи
  • Тешко ви е на другите да им зададете задачи, се плашите дека нема да ги исполнат вашите високи барања
  • Имате претерана потреба да ги контролирате другите мислејќи дека на тој начин им помагате да не направат некоја грешка
  • Претерано сте критични и самокритични, во другите барате најмали грешки и имате чувство дека е од витална важност да ги корегирате

Ако се пронајдовте во поголемиот дел од тврдењата, многу е веројатно дека страдате од пефекционизам. Кој не сака да биде совршен, нели? Што му фали на перфекционизмот? Сите сакаме да ни оди добро на училиште, на работа и во приватниот живот. Здравиот перфекционизам подразбира поставување на високи стандарди кои носат високи постигнувања, мотивација во постигнувањето на целите, уживање во извршувањето на задачите, фокусирање на она што сме го извршиле успешно, учење од грешките и настојување тие да не се повторуваат. При тоа, не ги запоставуваме релациите со другите луѓе и се грижиме за сопствената добросостојба. Од друга страна пак, дисфункционалниот или невротичниот перфекционизам е тежнеење да ни оди добро во сите аспекти од животот, постојано. А кога работите не се одвиваат идеално, како што се случува често пати во животот, личноста почнува да се обвинува себеси за тоа. Самокритиката која би требало да биде мотивирачка води кон ниска самодоверба, одложување на обврските, силно изразен страв од неуспех.

Да се биде совршен постојано е невозможна мисија. Истражувањата покажуваат дека перфекционизмот негативно влијае на самодовербата, предизвикува синдром на прегореност (burn out), прокрастинација (одложување), хроничен стрес, постојано незадоволство од себе, депресија, анксиозност, занемарување на здравјето, нарушувања во исхраната, влијае на релациите со луѓето, го зголемува ризикот од самоубиство.

Според некои научници, постојат три типови на перфекционизам: насочен кон себе, насочен кон другите и социјално наметнат. Може да се каже и дека ова се всушност три компоненти на перфекционизмот кои ги имаат повеќето перфекционисти.

  1. Перфекционизам насочен кон себе. Оваа карактеристика значи дека личноста сама на себе си поставува високи стандарди кои е многу тешко да се исполнат.
  2. Перфекционизам насочен кон другите. Личноста има превисоки очекувања од луѓето околу себе (децата, пријателите, колегите)
  3. Социјално наметнат. Овој тип или карактеристика на перфекционизмот го покажува чувството на поединецот дека околината очекува совршенство од него. Ако не ги исполни нивните очекувања, личноста ќе биде отфрлена.

Како да се надмине перфекционизмот?

  • Размислувајте позитивно и фокусирајте се на она што го правите добро, наместо на ситните грешки кои се провлекле. Луѓе сме, ќе грешиме. Дури и најуспешните спортисти станале најдобри после многу обиди и учење од сопствените грешки.
  • Фокусирајте се на акција. Константната самокритика и негативно мислење за себе нема да ги подобрат вашите вештини. Наместо тоа, бидете конструктивни и одберете една задача на која ќе се концентрирате додека не ја завршите.
  • Не размислувајте црно-бело, во термини сè или ништо. Таквиот начин на размислување е нереален и штетен. Прифатете ги вашите несовршени и некомплетни задачи, трудејќи се следниот пат да бидете подобри од претходниот.
  • Поставувајте реални, достижни и остварливи цели. Направете план и придржувајте се до него. Размислувајте чекор по чекор, следете го својот напредок (тоа дополнително ќе ве мотивира) и одредете време колку ќе ви биде потребно да се постигне таа цел.
  • Не се споредувајте со другите. Секој си има свој начин на работа и свое темпо на напредок низ сите аспекти на животот. Она што е добро за некој друг, не значи дека е добро за вас, и обратно.
  • Уживајте во работењето и во напредокот кој го постигнувате, наместо постојано да се корегирате, да барате недостатоци и грешки. Наградете се за секој чекор од добро извршената задача.

Слични написи

Може ли таткото да добие постнатална депресија?

Biba

Песимистите слабеат побрзо

Biba

Лутината е поштетна за здравјето на постарите луѓе отколку тагата

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.