Познато е дека пасивното пушење го зголемува ризикот од болести на срцето и рак на белите дробови, а научниците предупредуваат дека влијае штетно и на психичкото здравје.
Истражувачи од Универзитетот Колеџ во Лондон, велат дека пасивните пушачи имаат 50% поголеми шанси да заболат од психичко нарушување во споредба со луѓето кои не се изложен на чад од цигари.
Студијата е спроведена на 5560 непушачи и 2689 пушачи, сите без историја на ментални болести.
Учесниците во истражувањето биле следени во текот на шест години. Кај непушачите пасивно изложени на пушење нивото на никотин во крвта било повисоко и ризикот за добивање на некакво психичко нарушување бил за 50% повисок, во споредба со оние кои имале пониско ниво на никотин во крвта. Ризикот за идни психијатриски болести бил поврзан и со високата изложеност на пасивно пушење и со активното пушење.
Претходни истражувања веќе потврдија дека постои линк помеѓу пушењето и психичкото страдање, а изложеноста на никотин кај животни предизвикува депресивни симптоми, стрес, анксиозност и отапување на чувството на задоволство. Авторот на истражувањето Марк Хамер, ги проширил овие наоди и на луѓето-непушачи кои биле пасивно изложени на чад од цигари, и студијата покажала силна асоцијација помеѓу изложеноста на чад од цигари и растројствата на расположението.
Научниците нагласуваат дека исто така многу е важно да се прекине обичајот да им се дозволува на психијатриските пациенти да пушат – како метод за нивно смирување, затоа што истражувањето го покажува токму спротивното – дека пушењето всушност ги влошува нивните симптоми, не ги намалува.
И привременото пасивно пушење е штетно
Посебно е загрижувачко откритието дека дури и привремено изложената популација на пасивно пушење пројавува знаци на психичкo страдање. За привремено изложување се смета кога лицето не е константно изложено на чад од цигари дома или на работното место, туку само понекогаш се најде во ресторан или во друштво во кое се пуши. Кај овие лица ризикот од развивање депресивни симптоми и анксиозност бил дури 25% повисок отколку кај оние кои занемарливо ретко биле изложени на чад од цигари.
Студијата исто така открива дека луѓето најмногу се изложени на пасивно пушење во својот дом. Благодарение на строгата легислатива која забранува пушење на јавни места, повеќето пушачи пушат дома, каде што непушачите – вклучително и децата – се изложени на константни и интензивни нивоа на никотин.
“Пасивното пушење е многу штетно”, нагласува авторот на истражувањето Марк Хамер. “Ако пушачите живеат со партнер или со деца кои се непушачи, треба да знаат дека не се изложуваат само себе на прилично штетното влијание на цигарите, туку тие со своето однесување влијаат и на луѓето кои живеат со нив”, додава тој.