Фејсбук планира да тргне по стапките на Инстаграм и почна да експериментира со криењето на мерачот за лајкови. Промената ќе се состои во тоа што на корисникот ќе му покажува неколку заеднички пријатели кои “лајкнале” нечија објава, без да го покажува вкупниот број на лајкови.
Апликациската истражувачка Џејн Манчун Вонг ја откри оваа промена за TechCrunch, а од Фејбук потврдуваат дека постои прототип на тест што го крие вкупниот број на лајкови на некоја објава за сите корисници, освен за тој што го објавил постот. Наместо бројот на лајкови, другите корисници ќе можат да видат само неколку реакции и емотикони, како и известување дека постот бил лајкнат од некои заеднички пријатели.
Од Фејсбук уверуваат дека тестот сè уште не е започнат. Таков тест веќе се спроведува и на Инстаграм од порано годинава и има знаци дека засега е успешен, бидејќи е проширен во повеќе земји.
Иако опцијата за “лајкување” е една од клучните карактеристики на Фејсбук повеќе од една декада, корисниците сè повеќе имаат поплаки дека заради нив се чувствуваат лошо, бидејќи сè повеќе се грижат дали нивната објава ќе добие доволно лајкови. Во Фејсбук се свесни дека луѓето веројатно избегнуваат да објавуваат работи за кои се плашат дека нема да бидат лајкувани, како и дека бришат постови што не поминале добро. Криењето на бројот на лајкови за јавноста може да реши дел од тие проблеми.
Секако, целта на Фејсбук е јасна: ако оваа промена доведе до повеќе објави и повеќе време поминато на мрежата, тогаш извесно е дека тестирањата можат да преминат и во конечна одлука.