Заради нив ви побелува косата, не спиете ноќе, а тука се и грижите околу здравјето, парите и училиштето. Но, според една студија, грижата за децата навистина го намалува крвниот притисок.
Ова откритие може да им делува сомнително на многу родители, но научниците веруваат дека родителството на луѓето им дава цел и смисла во животот, што помага во намалувањето на стресот, а на животните грижи им дава некаква перспектива.
Изненадувачкиот заклучок доаѓа од студијата спроведена на Бригам Јанг Универзитетот во Јута, во која учествувале 200 лица кои секојдневно по 24 часа носеле под облеката холтер, кој неколку пати во денот го мерел нивниот крвен притисок. Биле земени предвид и други фактори како што се возраста, тежината, вработеноста и алкохолизмот. Се покажало дека кај испитаниците кои имаат деца, систоличкиот крвен притисок е за 4,5 бодови понизок, а дијастоличкиот за 3 бодови понизок.
Овие резултати биле особено изразени кај мајките, кај кои се покажала разлика од 12 бодови кај систоличкиот и 7 бодови разлика кај дијастоличкиот притисок.
„И покрај тоа што грижата за децата подразбира секојдневни проблеми, чувството за смисла и животна цел кое го носат, го намалува стресот и ја подобрува општата здравствена состојба“, објаснува д-р Џулијан Холт-Лунстад од Бригам Јанг Униветзитетот, која го водела истражувањето.
Иако бројот на луѓето кои учествувале во студијата е релативно мал, д-р Холт-Лунстад тврди дека разликата во крвниот притисок кај луѓето што се родители и кај оние кои не се родители, не е случајна. „Тоа, се разбира, не значи дека ќе имате подобар крвен притисок пропорционално на бројот на децата. Ова откритие е поврзано само со родителството, без оглед на бројот на децата или материјалниот статус“, додава таа.
Се разбира, родителството не е единствениот фактор кој влијае на притисокот. За регулирање, т.е. за намалување на крвниот притисокот, е исто така важно секојдневно да вежбате и да јадете храна со ниски нивоа на натриум. Многу важен аспект на истражувањето е идејата дека и социјалните фактори можат да го заштитат физичкото здравје.