Потребни состојки:
150 мл вода
570 г шеќер
100 г чоколадо за готвење
100 г какао
8 јајца
3 лажици брашно
4 лажици презла (лебни трошки)
1 маргарин на собна температура
неколку лажици мелени лешници
Начин на подготовка:
- Во тенџерче на средна температура ставете 150 мл вода и 200 г шеќер. Откако шеќерот ќе се стопи, додајте го чоколадото искршено на коцки и мешајте додека да се стопи. На крај во врелата смеса додајте го и какаото и мешајте додека сè да се соедини, да добиете конзистентна и мазна смеса. Тргнете ја смесата на страна и оставете ја да се олади.
- Во сад за матење ставете 8 белки и 8 лажици (околу 170 г) шеќер. Изматете ги да добиете пенеста смеса, потоа полека со мешање додавајте лажица по лажица 3 лажици брашно, 4 лажици презла и 4 лажици од чоколадната смеса од чекорот бр.1. На крај додајте ги мелените лешници и измешајте. Оваа смеса печете ја околу 20 минути на 170-180 степени Целзиусови. Откако ќе се испече оставете ја целосно да се олади, па исечете ја на два или три дела.
- Изматете го маргаринот со 200 г шеќер додека да стане пенест и шеќерот да се стопи. Потоа додајте 8 жолчки една по една, изматете ги и на крај во оваа смеса сипете го останатиот чоколаден фил од чекорот бр.1. Ставете го филот во фрижидер за малку да се стегне.
- Филување: секој дел од пандишпанот намачкајте го со чоколаден фил така што ќе ставате еден врз друг: ред пандишпан, еден слој фил, повторно пандишпан па слој фил, да завршите со фил најодозгора. Тортата чувајте ја во фрижидер. Послужете ја со декорација по ваша желба.
На здравје!