Психологија

Неколку лекции за парите што децата треба да ги научат до 10-годишна возраст

Децата од многу рана возраст почнуваат да поставуваат прашања за работите што ги опкружуваат. Една од нив се парите. Децата помали од 5 години немаат многу јасна слика од каде доаѓаат парите, но гледаат дека родителите ги вадат од паричникот или едноставно ги повлекуваат од банкомат кога им се потребни. Затоа треба да ги научите дека парите се важни и дека треба внимателно да се однесуваат кон нив.

Овие пет лекции можете да им ги кажете уште од 5-годишна возраст, бидејќи тогаш почнуваат да сфаќаат дека парите не паѓаат од небо.

1. Парите не растат на дрво.

Објаснете им на децата дека парите не се неограничен ресурс и дека за да имате пари секое утро одите на работа. Кога детето ќе ве праша зошто повторно одите на работа, објаснете му дека морате, затоа што така ќе може да добие нова играчка, а ако не одите тоа нема да биде возможно. Детето ќе почне да ги поврзува работите и ќе разбере дека треба да направи нешто за да дојде до пари.

2. Дајте им некоја ситна сума да ја потрошат онака како што сакаат.

Дајте му на детето одредена сума пари и набљудувајте како ќе располага со неа. Ако веднаш ги потроши сите пари на некоја играчка и потоа сфати дека не му останале за ништо друго, тоа е вредна лекција за него. Ќе ги види последиците од трошењето, ќе почне да размислува колку има, колку му останале и полека ќе научи да ги планира и распределува парите правилно.

3. Вредните работи вреди да се чекаат.

Научете го вашето дете дека треба да почека за да го добие она што го сака. Ова ќе го научи да го цени времето, трудот и парите што ќе ги добие за одреден временски период. Добра вежба за ова е правењето пица со сите состојки што детето ги сака. Кога ќе види дека треба да почека тестото да нарасне, да ги подготви и нареди состојките, како и дека сето тоа на крај треба да се испече, ќе биде посреќно кога по некое време ќе ужива во храната. 

4. Штедењето е супер.

Ако вашето дете сака нова играчка, но нема доволно пари за неа, предложете му самото да ја собере потребната сума така што ќе ја „заработи“. Во текот на еден месец давајте му да завршува некои задачи низ домот и за тоа наградувајте го со одредена сума пари. Кога ќе процените дека заработило доволно, однесете го во продавница и оставете го самото да ја плати играчката на каса. Ова искуство детето нема никогаш да го заборави.

5. Нека направи список со желби.

Списокот на желби најмногу се однесува на играчките што вашето дете сака да ги добие. Нека направи ранг листа на играчките наредувајќи ги најгоре тие што најмногу ги сака, а најдолу тие што му се помалку важни. Тоа ќе го натера да размислува и да ги приоритизира своите желби.

Слични написи

Забораваме еден голем виновник за епидемијата на депресија кај тинејџерите

dart

Како влијаат на здравјето познанствата со луѓе на високи позиции

Biba

10 сензорни стратегии за поддршка на учењето на далечина за вашиот тинејџер

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.