Научниците во Соединетите Држави развија боја која е значително „побела од моментално белата боја“. Новата, „ултра бела“ боја е таква бидејќи содржи бариум сулфат, кој се користи и за производство на фото-хартија и козметика.
Тестовите спроведени од истражувачите на Универзитетот Пурдју во Индијана врз нивната „ултра бела“ боја покажаа дека таа рефлектира повеќе од 98 проценти од сончевата светлина.
Тоа, велат научниците, може да помогне во заштеда на енергија и борба против климатските промени, со помош на таканаречените ладни бели покриви, пренесува Би-Би-Си.
Според главниот истражувач, проф. Ксиулин Руануа, белите бои во комерцијалната продажба рефлектираат помеѓу 80 и 90 проценти од сончевата светлина.
“Ако ја користевте нашата боја за да покриете површина на покривот од околу 93 квадратни метри, претпоставуваме дека може да добиете моќ на ладење од 10 киловати. Тоа е помоќно од климатизерите што ги користат повеќето куќи”, рече тој.
Во Њујорк, повеќе од 10 милиони квадратни метри кров неодамна беше обоен во бело. Калифорнија веќе ги ажурираше градежните прописи за промовирање на таканаречените „ладни“ покриви.
Нивните придобивки сè уште се истражуваат, но студиите покажаа дека тие можат да ги намалат енергетските потреби и да создадат пониски температури на околината.