Наскоро секс без опасност од забременување

 

Антибеби таблетата која би ја користеле мажите ги помина првите тестирања во неколку истражувачки центри низ светот.

Модифициран тестостерон е клучен дел од контрацептивната таблета за мажи, која ги помина првите испитувања за сигурност на 40 испитаници, и не се забележани никакви нуспојави. Тоа е голем исчекор во процесот на изнаоѓање на контрацептивно средство кое би го користеле и мажите. Истражувањето и резултатите се објавени во престижниот медицински магазин “Endocrine Society”, каде се нагласува дека таблетата комбинира две хормонални активности во една – истовремено го намалува бројот на сперматозоиди без да го намали либидото.

Во испитувањето на машкиот орален контрацептив кое е спроведено во соработка со LA BioMed Institute и Универзитетот Вашингтон во Сиетл, испитаниците во период од 28 дена примале плацебо терапија заедно со различни дози од контрацептивот. Утврдено е намалување на бројот на сперматозоиди во периодот додека се примала терапијата и дека во моментот кога испитаниците престанале со терапијата бројот на сперматозоиди се нормализирал. Во текот на испитувањето некои од испитаниците пријавиле главоболка или појава на акни, но кај ниеден не довело до прекин на истражувањето.

Како што е наведено во изјавата на истражувачите, за да има вистински ефект, таблетата треба да се прима минимум 3 месеци, и со оглед на тоа дека истражувањето е спроведено во период од само 28 дена, прекраток е тестниот период за да се воочи супресија на сперматозоидите. Најавени се понатамошни тестирања на машката контрацептивна таблета.

 

Копирањето на содржината е забрането!