Кога се работи за деца, цртањето и сликањето може да претставува голема забава. Притоа, ликовното изразување кај децата може да биде најдобар начин да ја поттикнете имагинацијата и креативноста уште од мали нозе. Децата сакаат да оставаат трагови со боја, било да е со креда на асфалтот, со темперни бои на хартија или дрвени боици во боенките. Секогаш треба да ги охрабруваме да цртаат, сликаат, дизајнираат, а со тоа се развива креативноста, се зголемува концентрацијата и им се буди способноста за размислување и снаоѓање.
Освен тоа, децата на тој начин го откриваат светот околу себе, стекнуваат пријателства, и сето тоа ќе им биде од голема корист во понатамошниот живот.
Нека цртаат на улица, со креда, нека играат школка. За да ја играат треба да ја нацртаат формата, полињата и пак доаѓаме до делот дека треба да се снајдат, да најдат начин сето тоа да го направат. Ќе се натпреваруваат кој ќе ја нацрта подобро, и кој потоа ќе победи во играта.
Натерајте ги да цртаат на отворено со бои, на листови, а потоа нивните цртежи изложете ги, закачете ги со штипки за алишта и направете изложба на отворено.
Има милион начини за да се разбуди креативноста, трудот, натпреварувачкиот дух кај децата.
Вие само треба да имате волја тоа да го направите и да им го овозможите.