Психологија

Мултитаскингот не функционира онака како што мислиме

Дефиницијата за мултитаскинг е – способност на едно лице да извршува повеќе од една работа истовремено. Ова може да важи и за компјутерот и за мобилниот телефон, на пример, но во овој напис зборуваме за мултитаскингот кај нас, луѓето.

Некогаш, додека го пиете утринското кафе, ја проверувате е-поштата и паралелно со тоа одржувате онлајн состанок или колегиум, се чувствувате како мајстор за мултитаскинг. Меѓутоа,  за повеќето луѓе, во повеќето ситуации, мултитаскингот, всушност, е невозможен. „Човекот е предодреден да може да работи само една задача, т.е. една по една задача без да ги работи истовремено, бидејќи нашиот мозок може да се фокусира само на една работа во исто време“, вели невропсихологот д-р Синтија Кубу.

„Кога мислиме дека извршуваме повеќе задачи, најчесто не правиме две работи одеднаш, туку наместо тоа правиме индивидуални дејства брзо последователно или се префрламе од една на друга задача“, вели таа. Една студија покажува дека само 2,5% од луѓето се способни ефикасно да извршуваат повеќе задачи во исто време.

Мултитаскингот може да ги попречи вашите перформанси

Истражувањата покажуваат дека кога нашиот мозок постојано менува брзини за да скока напред-назад помеѓу задачите, особено кога тие задачи се сложени и го бараат нашето активно внимание, стануваме помалку ефикасни и поверојатно е да направиме грешка. Ова можеби не е толку очигледно или нема толку влијание кога извршуваме едноставни и рутински задачи, како слушање музика додека шетаме или диплиме алишта додека гледаме телевизија.

Но, кога влогот е поголем, а задачите се посложени, обидот да се работат повеќе активности може негативно да влијае на нашите животи, па дури да биде и опасен. Таканаречениот мултитаскинг ни го дели вниманието и ни отежнува целосно да го насочиме вниманието на една работа. Во студиите, обидот да се вршат дополнителни задачи за време на симулација на возење довело до послаби перформанси во возењето, што во реалноста може да биде многу опасно.

Други студии сугерираат дека луѓето кои често прават „медиумски мултитаскинг“ (како слушање музика додека проверуваат е-пошта или скролање низ социјалните мрежи додека гледаат филм), се повеќе расеани и помалку способни да го фокусираат своето внимание дури и кога извршуваат само една задача. Тоа може да влијае и на нашата способност за учење, бидејќи за да учиме треба да бидеме способни да се фокусираме. „Колку почесто извршуваме паралелно повеќе задачи, реално толку помалку постигнуваме, затоа што полека ја губиме нашата способност да се фокусираме доволно за да научиме“, вели Кубу. Едно истражување покажува дека на студентите кои работат повеќе домашни задачи паралелно, им треба подолго време за да ја завршат работата и имаат пониски просечни оценки.

Друга замка е тоа што обидот да се направи премногу одеднаш го отежнува обидот да се биде внимателен и вистински присутен во моментот, а оваа свесност носи многу придобивки за нашиот ум и телото. Всушност, многу терапии засновани на оваа практика можат да им помогнат на луѓето кои страдаат од депресија, анксиозност, хронична болка и други состојби.

Свесно направете избор да ги работите задачите една по една

Одлуката да се фокусираме само на една задача може да биде корисна за многу аспекти од нашиот живот, вклучувајќи го и работното место. Да ги земеме хирурзите за пример: „Луѓето претпоставуваат дека вештината на хирургот е првенствено во прецизноста и стабилноста на неговите раце. Иако тоа е до некаде вистина, вистинскиот дар на хирургот е способноста да се фокусира исклучиво на една личност и да заврши серија задачи во текот на многу часови“, објаснува Кубу.

Но, хирурзите не се нужно родени со оваа способност за монотаскинг. Тие ја развиваат и усовршуваат оваа способност со часови и часови вежбање. И вие можете да го направите тоа. „Не треба да бидете хирург за да се ослободите од притисокот да работите повеќе задачи“, вели Кубу. „Без разлика дали се работи за долго патување, организирање настан или читање книга, ние недвосмислено сме најдобри кога работиме една по една работа. Ве охрабрувам да се обидете“, додава таа.

Слични написи

Емоционално прејадување

Biba

Младите девојчиња се под стрес заради притисоците што ги наметнува современото општество

Biba

Помогнете им на децата успешно да ги решаваат меѓусебните конфликти

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.