Вклучувањето на учениците во натпревари на сите нивоа на одржување и организација, е еден од главните елементи за постигнување на подобри резултати по предметот Музичко образование, хор и оркестар. Со овие натпревари во процесот на наставата се отвора можност за развивање на партнерство меѓу училиштата и заедницата. Со развивање на своите вештини и способности, учениците од основното образование заедно со наставниците имаат можност да придонесат за поуспешно професионално информирање и ориентирање во понатамошното образование.
Здружението на музички педагози на Република Македонија е основано на 18.10.1972 година како Здружение на музички педагози на град Скопје. На ден 13.06.2014 година се преименува во Здружение на музички педагози на Република Македонија. Тоа е доброволно самостојно здружение кое работи на ширење и унапредување на музичкото образование во Република Македонија.
Здружението, повеќе години работи на едукација на децата и младата популација во областа нa музиката и музичкото творештво. Со своите активности дава придонес во развојот на младите таленти и го поттикнува музичкиот живот во Република Македонија.
Имајќи предвид колку е значајно младите таленти да се развиваат и поттикнуваат во областа на музичкиот израз, сметаме дека активностите на ова Здружение се специфични и драгоцени за идниот развој на музичката култура во Република Македонија.
Здружението соработува со локалната самоуправа, градовите во Република Македонија, други здруженија, организации, институции со слични и исти интереси, во државата и надвор од неа. Од особено значење е соработката со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Министерството за култура, факултетите за музичка уметност, средните музички училишта, Филхармонијата, Македонска опера и балет, културно-уметничките друштва, Институтот за фолклор и други институции, а потпомогнато со донации, спонзорства, членарина и друг вид поддршка.
Натпреварите организирани од Здружението на музичките педагози на Република Македонија имаат за цел: поттикнување на позитивна клима во државата кон музичкото образование и творештвото како незаменлив фактор за развој на музичката култура, подигнување на интересот за предметот Музичко образование, хорот и оркестарот кај учениците во основното обазование, негување на народната традиција, хорската и оркестарската музика, интерпретација на разни жанрови на музика, како и запознавање со највредните композиции и композитори во светот и Република Македонија и масовност на учесниците на натпревари на сите нивоа во целата држава, развивајќи другарство и комуникација со припадници на други етнички заедници на Македонија. Натпреварите опфаќаат две натпреварувачки дисциплини: натпревар по хор (категории: тригласен, двогласен и едногласен хор) и натпревар по оркестар (категории: мандолински, орфов, мешан, хармоникашки, сазов и еднороден).
Како и сите изминати учебни години така и оваа, натпреварите беа организирани во повеќе градови со утврден распоред за датум, време и училиште каде ќе се реализираат. Првопласираните ансамбли на општинско ниво одат на регионално ниво, а првопласираните ансамбли од регионален натпревар одат на државен натпревар. Натпреварите на општинско и регионално ниво се одржуваат во месец април во тековната учебна година, а државниот натпревар се одржува во месец мај. Право на учество на државен натпревар имаат само ансамбли кои освоиле I место на регионален натпревар со над 98 бода.
Од сите училишта на ниво на Р Македонија, се истакнуваат мандолинскиот оркестар на ООУ„Дане Крапчев“ под раководство на наставникот по Музичко образование Ванчо Јовчев и хорот и орфовиот оркестар на ООУ„Наум Наумовски Борче“ под раководство на наставничката по Музичко образование Весна Трајковска. Овие три ансамбла ја промовираат и истакнуваат општина Гази Баба на ниво на Р Македонија, постигнувајќи највисоки континуирани успеси на сите државни натпревари изминатите девет години. Истите ансамбли се прогласени за најдобри од ЗМП на РМ и двапати се парично наградени од страна на МОН. Нивните успеси се плод на нивниот строго професионален однос и пристап во оваа работа, максималната дисциплина, големата желба и порив да се пренесе љубовта кон музиката, оркестарското музицирање и хорското пеење кај децата, развивање на чувство за тимска работа, одговорност кај нив и наметнување на некој начин на сите оние бенефити кои ги носи учеството во ваквите ансамбли воопшто, кои се многу важни за целокупниот развој на нивната личност.
На овогодинешното натпреварување на државно ниво што се одржа во ООУ„Јохан Хајнрих Песталоци“ во Скопје, во категоријата мандолински оркестар првото место со максимални 100 бодови го освои ООУ„Дане Крапчев“ под диригентската палка на наставникот Ванчо Јовчев.