Може ли таткото да добие постнатална депресија?

Мажите не поминуваат низ бременост и низ процесот на породување, нивните хормонални промени не прават ролеркостер во нивното тело. Тогаш, за што всушност тие можат да бидат депресивни? Според најновата студија направена во Шведска – имаат прилично многу причини. Во последните десет години огромен број на мажи се борат со промените што ги носи татковството.

Последната студија се обиде да квантифицира колку точно мажи поминуваат низ постнатална депресија. Претходни студии покажуваат бројки помеѓу 4% и 10%, додека пак во оваа последна студија, во која волонтираа (и можно е заради тоа да не се репрезентативен примерок за просечен татко) 447 шведски нови татковци, изненадувачки 28% покажале симптоми на повеќе од благо изразена депресија. Севкупно, 4% од мажите покажале умерено ниво на депресија. Помалку од еден од пет татковци кои биле депресивни побарале помош и покрај тоа што третина од нив размислувале за самоповредување. Додека жените во Велика Британија добиваат серија од прашања за постнатална депресија (која погодува 13% од нив), менталното здравје на татковците ретко се проценува.

Водечкиот автор на студијата – Елиза Псуни, од катедрата за психологија на Универзитетот Лунд, вели дека Единбуршката скала за постнатална депресија која се користи и за мажи и за жени, не е доволно прецизна за да ги препознае симптомите за депресија кај мажите. Нејзиното истражување покажува повисоки нивоа на депресија кај мажите бидејќи резултатите се повеќе одраз на “машките” симптоми на депресија, како што се вознемиреност, лутина, раздразливост, работење подолги часови и премногу пиење алкохол.

Депресијата кај татковците расте не само заради тоа што истражувачите ја бараат кај нив, туку и затоа што се зголемува бројот на новите татковци кои со тешкотии се справуваат со промените кои ги носи родителството. Псуни верува дека кај татковците се зголемуваат истите  дилеми кои ги имаат мајките, вклучувајќи ги тука и обидите да го комбинираат родителството со работењето. Татковците кои добиле депресија често пати имаат поголем надворешен притисок, како што се прашања поврзани со работата, а ако нивниот партнер е депресивен, кај нив ризикот од депресија се удвојува. Кон тоа придонесуваат и конфликтите во врската, добивањето на близнаци и недоволното спиење.

Депресивниот татко помалку игра и помалку се смее со детето. Истражувањата покажуваат дека децата длабоко ги погодува постнаталната депресија на таткото. Кај овие деца нивото на добросостојба е намалено и имаат повеќе бихејвиорални проблеми на возраст од седум години.

Татковците кои чувствуваат дека им е тешко, а партнерот, роднините и пријателите забележат зголемена анксиозност и иритабилност во првата година по раѓањето на детето (депресијата кај татковците е пораспространета во првите 12 месеци), треба да земат предвид дека можеби станува збор за постнаталната депресија.

“Ако депресијата не се препознае и третира на време”, нагласува Псуни, “една од најлошите работи е тоа што таткото полека ќе си дојде на себе после една година, ќе сфати дека цела година бил нерасположен и тажен, а првата година од животот на неговото дете завршила”.

Кај овие мажи може да помогне когнитивно-бихејвиорална терапија, а исто така и антидепресиви (се разбира, под контрола на лекар).

 

Забрането е копирање на текстот!