Може ли да се “поправи” кожата оштетена од сончање

 

Сонцето и нашата кожа имаат комплициран однос. Без оглед на тоа колку кожата ја сака сончевата топлина, зрачењето од неговите зраци може да предизвика сериозни оштетувања. Меѓутоа, и покрај тоа што сите знаеме дека долгото изложување на сонце може да доведе до рак на кожата и нејзино предвремено стареење, луѓето едноставно го обожаваат сончањето и исончаниот тен. Исончаниот тен често пати се нарекува и “здрав сјај” на кожата, а една студија покажала и дека луѓето ја сметаат исончаната кожа за попривлечна и посекси отколку неисончаната.

На пазарот има многу производи за нега на кожата, кои ветуваат не само обновување на оштетената кожа од сончање, туку и поништување на штетата и враќање на кожата во првобитната здрава состојба. Ова е тврдење кое звучи речиси премногу добро за да биде вистинито. Како и со други проблеми поврзани со кожата, одговорот на ова прашање не е црно-бел.

Како изгледа оштетувањето на кожата настанато од сончање?

Дерматологот Кенет Хауи вели дека бојата што ја добиваме од сонцето, вклучувајќи ги и сончевите пеги, се всушност, реакција на кожата на оштетувањето од УВ зраците. “Еден од клучните стимуланси за создавање на меланоцити од кои е составен пигментот на исончаната кожа, е оштетената ДНК”, вели тој. “Кожата се заштитува со потемнување, но дури откако тоа ќе ѝ биде сигнализирано од оштетената ДНК. На тој начин таа се заштитува од дополнително оштетување, но останува иницијалната штета која е веќе направена” додава Хауи.

Според него, прекумерното изложување на УВ зраци може да доведе до создавање на штетни ензими во кожата кои го разградуваат колагенот и еластичните влакна, што доведува до создавање на брчки и истенчување на кожата.

Освен тоа, “ако добиете една изгореница од сонце во детството или адолесценцијата, повеќе од двојно сте ги зголемиле изгледите за меланом подоцна во животот”, вели доктор Шил Соломон, дерматолог од Северна Каролина. “Кожата има меморија. Оштетувањата настанати во детството остануваат низ целиот живот. Ако не сте ја заштитувале кожата прописно, оштетувањата од сончањето ќе почнат да се покажуваат во вашите дваесетти години”, додава таа.

Според дерматолозите, освен што го зголемуваат ризикот од рак на кожата, сончевите зраци ја оштетуваат и ДНК-та во клетките на кожата.

Може ли да се поправи оштетувањето на кожата?

Некои дермaтолози сметаат дека тоа е апсолутно возможно. Соломон вели дека со хемиски пилинг и микродермоабразија може да се отстрани површинскиот слој на кожата кој е оштетен од сонцето. “Хемиски пилинг може да се направи и дома, но продуктите кои можат да се купат на пазарот се помалку ефикасни од оние кои ги користат дерматолозите и затоа е најдобро таа задача да им се довери ним. Со овој третман може да се подобри тонусот и текстурата на кожата, па може дури и да се отстранат претканцерозните промени во клетките на кожата”, вели таа.

“Производите од ретинол веќе со децении се користат за измазнување на ситните линии и брчки. Меѓутоа, заради нивната фотореактивна природа кожата станува поподложна на оштетување од сонцето, па затоа не се препорачува нивно користење за време на летото”, додава Соломон.

Хауи не е толку сигурен во ова. Тој вели дека можеби и може да се намали оштетувањето со некои продукти, но само ако се применат веднаш кога тоа ќе настане. Според него, теоретски, може да се превенира развој на канцер на кожата со користење на производи кои го намалуваат оштетувањето на ДНК-та во клетките.

Дерматологот Анџела Лемб, пак, смета дека најдобра заштита и превенција од оштетување на кожата е воопшто да не се изложувате на сонце. Таа тврди дека штетата предизвикана од изложувањето на сонце со години со мала или никаква заштита доведува до такви оштетувања на кожата кои со ништо не можат да се поправат и излечат.

Како да ги превенирате оштетувањата на кожата

Адекватна заштита од сонцето е клучна за спречување на оштетувања. Редовно нанесувајте крема за сончање и избегнувајте сончање помеѓу 10 и 16 часот. Соломон препорачува креми за сончање со фактор 50 и нагласува дека треба да се мачкаат на кожата на секои 80 минути за најдобри резултати.

Исто така, исхрана богата со антиоксиданти може многу да ѝ и помогне на кожата да се заштити од оштетувања. Најважните антиоксиданти кои ви се потребни се ликопен (го има во патлиџаните и лубеницата), бета каротен (диња и спанаќ), омега-3 масни киселини (јаткасти плодови, семки и лосос) и катехин (го има во зелениот чај).

 

Don`t copy text!