Младите девојчиња се под стрес заради притисоците што ги наметнува современото општество

Кликнете на копчето "Сподели" и другите да го прочитаат написот.
  •  
  •  

Според резултатите на едно истражување, девојчињата на возраст од десет години страдаат од депресија и се под стрес додека се борат да се справат со растењето во денешното современо општество.

Притисоците на кои се изложени заради барањата на модерното општество се однесуваат на облеката што е во тренд, новите технологии, телесната слика, а научниците откриваат дека секое петто девојче е луто или тажно. Две од пет девојчиња на возраст меѓу 10 и 15 години се чувствуваат уште полошо кога гледаат слики од гламурозни модели, поп ѕвезди и глумици.

Доктор Ендру МекКала од Mental Health Foundation кој го водел ова истражување, за ваквата лоша состојба ги обвинува родителите кои создале свет на материјализам и претерано рана сексуалност. “Девојчињата и младите девојки се присилени да растат со неприродна брзина во вакво општество кое сме го создале ниe, возрасните. Тоа ги уништува емоционално, а ние сме одговорни за тоа”, вели тој.

Задевањето, стресот пред училишните тестови и семејните проблеми уште повеќе ја влошуваат состојбата за повеќето од 400 девојчиња кои учествувале во истражувањето. Половина од нив изјавиле дека познаваат некого кој страда од депресија, а две петини познаваат лица кои имале обид за самоубиство. Едно од три девојчиња имало другарка која страда од нарушување во исхраната, а две од пет познаваат луѓе кои имале панични напади.

“Младите девојки се соочуваат со нова генерација притисоци кои зад себе оставаат многу страдање, стрес, лутина и несреќа”, заклучува Лиз Брамли, научник која учествувала во истражувањето. “Сите ние на кои ни се важни овие млади девојки, мора да им помогнеме да најдат начин да се справат со барањата кои се поставени пред нив и да ја изградат самодовербата која им е потребна”, порачува таа.