Минатата година беше измерена највисоката температура на водата во океаните откако воопшто се врши мерење, а резултатите ги објави меѓународниот тим научници од Институтот за атмосферска физика од Кина. Минатата година беше присутен трендот на затоплување на водите во океаните и морињата како последица на глобалното затоплување.
Истата група научници неодамна објави студија во која се вели дека затоплувањето на водите во океаните и морињата е забрзано и поголемо отколку што се очекувало, водите апсорбирале поголема топлина од тоа што се претпоставувало. Во споредба со изминатите 60 години, следниот период до 2081 година се очекува шесткратно зголемување на загревањето.
Потоплите океани резултираат со многу проблеми како зголемување на нивото на водата, поинтензивни невремиња со појаки дождови, како и топење на поларниот мраз. Сето тоа е директна последица на човековото испуштање на штетни гасови во атмосферата кои создаваат енергетска нерамнотежа, а таа доведува до глобално затоплување.
Кевин Тренберт од Американскиот национален центар за истражување на атмосферата, кој е и коавтор на студијата, вели дека трендот на загревање на океаните е подобар показател за климатските промени отколку температурата на воздухот.
Научниците потсетуваат дека во 2018 година потоплата вода во океаните беше причина за бројните урагани и тајфуни ширум светот.