Ричард Бренсон e милијардер, филантроп, основач на Virgin Records, сопственик на Virgin Galactic и еден од најбогатите луѓе на планетата. Покрај истражувањето на вселената, реши да ги истражува и океаните. Бренсон, кој со години го води Ocean Unite, ќе му се придружи на Фабијан Кусто, внукот на познатиот истражувач на океаните Жак Кусто и заедно ќе ја истражуваат мистеријата на Сината Дупка во океанот кај Белизе.
На екипата на Брансон и Кусто ќе им се придружи и здружението Aquatica.
Експедицијата Blue Hole Belize 2018 ќе биде емитувана во живо на каналот Дискавери.
Големата Сина Дупка никогаш комплетно не била мапирана и идејата на оваа експедиција е да се дадат одговори за тоа што има на дното на оваа таинствена пештера.
Тимот на истражувачи ќе има и посебно осветлување кое ќе им овозможи да го видат и доживеат тоа што е на дното на пештерата. На располагање ќе им бидат и два помошни брода што ќе им овозможат комплетна логистика.
Големата Сина Дупка е нешто за кое истражувачите веруваат дека претставува најдлабока дупка од овој тип на светот. Оддалечена е 100 километри од Белизе, широка е речиси 300 метри, а длабока речиси 125 метри.
Се верува дека некогаш била голема пештера, но како што океаните почнале да растат пештерата е наполнета со вода создавајќи голема подводна пештера.
Големата Сина Дупка е заштитена од UNESCO и претставува дел од големиот корален гребен кај Белизе.