Иако Мадона на почетокот на оваа година го најави појавувањето на својот најнов албум до крајот на 2018 година, овој студиски материјал на поп иконата ќе го види светлото на денот дури во 2019 година.
Овој сè уште неименуван албум ќе биде 14-ти по ред во кариерата на Мадона и прво издание по 4 години пауза, откако во 2015 година го објави албумот со наслов “Rebel Heart”.
Поп ѕвездата во неодамнешното интервју за Вог изјави дека денешната поп музика звучи комплетно исто и дека нејзиниот нов албум ќе ги смени работите и ќе ја разбие едноличноста. Таа уште изјави и дека музиката стана премногу формална и дека иако на музичката сцена работат многу луѓе, сепак резултатите не се импозантни.
Интересно е да се истакне дека Мадона од скоро се пресели во Лисабон, Португалија, бидејќи нејзиниот син сака на Пиринејскиот Полуостров да го оствари својот сон и да стане професионален фудбалер.