Во научното истражување “The Marriage Project”, професорите Галена К. Роудс и Скот М. Стенли се занимаваат со влијанието на бројот на претходните сексуални партнери врз среќата во бракот. Тие анализирале податоци од илјада слободни Американци на возраст од 18 до 34 години.
После пет години, 418 од нив биле во брак. Научниците потоа ги анализирале тие бракови од аспект на претходните врски на двајцата партнери и на кој начин тие влијаеле на квалитетот на бракот.
Биле разгледувани четири аспекти: среќата во врската, размислувањето за раскинување, колку често партнерите се доверуваат еден на друг и колку им е генерално добро во врската. Според резултатите, лицата кои имале помалку сексуални партнери во минатото биле во поквалитетен и посреќен брак.
Научниците тврдат дека овие резултати посебно важат за жените, бидејќи тие покажале повисоко ниво на незадоволство во бракот ако имале повеќе сексуални партнери. Освен тоа, и лицата кои живееле во вонбрачна заедница со партнер кој потоа не им станал брачен другар, се исто така помалку среќни во бракот.
Зошто е тоа така? Роудс и Стенли претпоставуваат дека луѓето кои имаат повеќе искуство може да бидат и повеќе свесни за постоењето на алтернативни партнери. Со други зборови, луѓето кои имаат повеќе претходни врски полесно стануваат незадоволни. Заради нивното претходно искуство со повеќе партнери, можат подобро да разликуваат добра и лоша врска.
Некои научници кои не учествувале во истражувањето, сметаaт дека овие резултати треба да се земат со трошка сомнеж.
Има многу причини кои можат да ги наведат луѓето да имаат повеќе партнери пред бракот, и независно од тоа колку ги имале да бидат помалку задоволни во бракот, вели д-р Џим Мекналти, професор по социјална психологија на Државниот универзитет на Флорида, кој има објавено многу трудови на оваа тема.
Тој објаснува дека луѓето кои имале повеќе сексуални партнери пред бракот можеби едноставно не сакаат обврски, па кога ќе стапат во брак тие обврски почнуваат да ги гушат. Не се работи за тоа дека заради бројот на претходни сексуални партнери се зголемува незадоволството во бракот, туку едноставно тие луѓе генерално не сакаат да се врзуваат и да имаат обврски.