Лошите односи со врсниците во училиште, предизвикуваат здравствени проблеми подоцна во животот

 

Непопуларните деца во училиштето не само што имаат незадоволителен училишен живот и лоши односи со врсниците, туку поради тоа чувствуваат последици и многу години подоцна.

Научниците преку истражување дошле до податоци дека оние кои како деца или тинејџери биле изолирани во друштвото, во средната возраст имаат здравствeни проблеми како што се дијабетес, прекумерна телесна тежина, кардиоваскуларни болести, висок крвен притисок, депресивни растројства, анксиозност. Ова најчесто се однесува на луѓе кои се во четириесеттите години.

Во истражувањето кое го спровеле шведски научници учествувале околу 900 испитаници. Од нив приближно половина биле мажи, а половина жени. Тие во период од 27 години неколку пати (на возраст од 16, 18, 21, 30 и 43 години) пополниле различни прашалници кои се однесувале на односот со наставниците и врсниците, училишниот успех, задоволството од учењето и од училиштето, социјалните околности, бихејвиорални фактори, а биле спроведени и повеќе здравствени прегледи.

Исто така, додека биле на училишна возраст, и нивните наставници пополниле прашалници кои проценувале повеќе димензии, како што се тенденцијата кон изолирање, екстраверзија, популарност или непопуларност меѓу врсниците и други. Истражувањето покажало дека лошото искуство во раните училишни денови, првите последици ги покажува веќе во адолесценција.

Овие испитаници имале полошо здравје, проблеми со спиењето, помалку се занимавале со физичка активност, повеќе пушеле, потешко се адаптирале на училиштето, биле повеќе изложени на кардиваскуларни ризици, имале повисока (прекумерна) телесна тежина. Во возрасната доба овие испитаници биле изложени на повеќе социјални ризици како што е невработеноста, живееле сами и имале ограничени социјални контакти, нездраво се хранеле, повеќе пушеле, биле повознемирени и под поголем  стрес, во неповолна социоекономска положба, и имале полошо здравје.

Иако од овие последици подеднакво биле погодени и жените и мажите, резултатите покажале дека за нијанса повеќе влијаеле на жените на средна возраст.

И покрај тоа што во фокусот на истражувањето биле основното, средното училиште и доцните последици, научниците велат дека каква било изолираност во животот, односно во раната возраст, може да доведе до здравствени проблеми во подоцнежните, особено во средните години.

 

Забрането е копирање на текстот!