Секој ден во текот на целата година, на кожата ѝ е потребна заштита од штетните сончеви зраци. Оваа заштита е особено важна за време на летото.
УВА и УВБ зраците поминуваат и низ облаците и стигнуваат до кожата дури и кога надвор воопшто не се гледа сонцето. На лицето и другите откриени делови од телото за време на сите четири сезони, а посебно за време на пролетта и летото, им треба заштита од сонцето во форма на квалитетна крема со заштитен фактор.
УВБ зраците ја оштетуваат ДНК-та, заслужни се за потемнетиот тен бидејќи го поттикнуваат излачувањето на меланин, но предизвикуваат и изгореници на кожата и создавање на слободни радикали, односно, предизвикуваат оксидативен стрес.
УВА зраците продираат подлабоко во кожата од УВБ зраците, и во допир со клетките предизвикуваат, исто така, оксидативен стрес и водат кон предвремено стареење на кожата.
УВА зраците се постојани во текот на целиот ден, додека УВБ зраците се најсилни во пладневните и попладневните часови, кога сонцето најсилно грее.
За да остане здрава, сјајна и без брчки, важно е кожата правилно да се негува, а правилната нега подразбира и користење на креми со заштитен фактор во текот на целата година. Се разбира, за време на зимата не мора да се користи фактор 50, во тој период доволен е СПФ 15 или 20, освен ако не одите на скијање. Кога сте на снег треба да користите повисок заштитен фактор, исто како кога за време на летото одите на плажа.