Средношколците од скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“ вчера во Македонскиот народен театар по вторпат одржаа мајсторска изведба на музичката драма „Чекајќи го…“. Претставата е работена според мотив од Бекетовата драма на апсурд „Чекајќи го Годо“, адаптирана на современото општество. На сцена продефилираа андрогени ликови, судии и политичари, пропратени со музички и танцувачки точки, кои верно го пресликаа времето во кое живееме, апсурдно до болка. Сиот општествен гнилеж, вредносен, морален, политички, интелектуален, едукативен… во кој предност имаат политичарите, кои бесрамно грабаат за себе тоа што не го заслужиле врз грбот на невините, заслужните и трудољубивите.
Дејството на приказната беше надополнето со фантастичен избор на музика и танцување, од кои дел изведе корчагинскиот бенд со своите водечки женски вокали. Целта на претставата е да го критикува еродираниот систем на вредности, моралниот распад на естаблишментот, а со тоа и на народот, и отсуството на секаква човечка димензија во функционирањето на државата.
Сè почнува од образованието, читањето книги, од едуцирањето на умот и на карактерот. Ниту една реплика и музичка точка во претставата не беа случајни, сè што видовме и слушнавме имаше своја симболика и пренесуваше некаква порака. Но, поуките од Горан Стефановски, Иво Андриќ, Достоевски, Венко Андоновски, Виктор Иго и други писатели, не може да ги разбере некој што со години не фатил книга во раце. Тој што не чита останува неук, а кога неуките ќе се доберат до власт ни се случува пропаста што секојдневно ја живееме. Кога турбо-фолкот е поважен од Шекспир, Рахмањинов и Чајковски, катастрофата е неизбежна.
Претставата, која на социјалните мрежи е означена со хаштагот #ијассуммарко има хуманитарен карактер, бидејќи сите пари од билетите ќе бидат донирани на Марко Здравковски, поранешен Корчагинец, кој во Франција се лекува од канцер. Учениците одржаа вкупно три хуманитарни претстави за Марко, две во МНТ и една во КИЦ. Во создавањето на претставата учествуваа голем број сегашни и поранешни ученици на гимназијата, кои несебично и со огромен ентузијазам со месеци се подготвуваа, под водство на нивната инспиративна учителка Татјана Алексиќ.
Сумата што се собра од сите три претстави е речиси симболична, но пораката што овие хумани и вредни деца му ја пренесоа на Марко е дека не е сам, дека неговиот Корчагин не го заборава и му испраќа многу сила да истрае во неговата борба. Тимот на драмската секција на гимназијата вредно работеше успешно жонглирајќи со пробите, притоа не запоставувајќи ги тековните училишни обврски.
Корчагинци им одржаа лекција по хуманост на сите оние кои имаат моќ да ги сменат работите и можат да помогнат, но одлучуваат да не го прават тоа за да ги задржат незслужените привилегии кои им доаѓаат со власта.
Претставата беше уживање за сите сетила, ги задоволи сите естетски критериуми со оглед на тоа дека е изведена од аматерски театар, но со професионален однос кон задачата. Можеме само да им се восхитуваме и да им честитаме на сите млади талентирани луѓе кои учествуваа во создавањето на оваа успешна приказна со целосна поддршка од училиштето.