Колку често и на кој начин треба да се пере градникот?

 

Се препорачува градниците да се исперат после две до четири носења, под услов да немаат видливи нечистотии, флеки или траги од млеко ако доите. Се разбира, ако многу се потите и користите лосиони и парфеми за тело, може да ги перете и почесто. Исто така, се препорачува секој градник да го “одморите” барем еден ден пред повторно да го облечете.

Кожата постојано се обновува и ги отфрла мртвите клетки, а наборите околу градите постојано се топли и се потат. Градникот е дел од облеката кој е тесно припиен до телото и лесно ги впива сите телесни мириси и нечистотии.

Квалитетниот градник треба да трае помеѓу шест месеци и две години, во зависност од тоа како го одржувате. Идеално би било градникот да се пере на рака во ладна вода и да се суши на сув пешкир во сенка. Меѓутоа, тоа не е секогаш возможно, посебно ако имате бебе или сте презафатени со работа.

Некои основни модели на градници кои немаат жица можат да се перат и во машина на нежен циклус, но најдобро е да се следи упатството за одржување што го има на секој градник.

 

 

Шест едноставни начини на кои ќе го продолжите рокот на траење на вашите градници

  1. Користете мрежеста вреќичка за машинско перење. На овој начин ќе избегнете градникот да се закачи за друго парче облека и да го оштети или самиот да се оштети, и ако има жица ќе избегнете да се искриви под притисок на центрифугата.
  2. Градникот перете го во ладна вода. Секогаш. Ако мора да го ставите во машина, тогаш водата нека биде млака. Повеќето градници се памучни, а памукот се собира на високи температури, па затоа жицата го кине и излегува од него.
  3. Користете нежни детергенти за перење. А можете и сами да направите детергент од една чаша топла вода во која ќе ставите една лажичка бебешки шампон. Измешајте убаво и оваа мешавина додајте ја во машината за перење или во водата ако рачно го перете градникот. Може да ставите и неколку капки етерично масло по ваш избор, за поубав мирис.
  4. Внимавајте на бојата. Градниците со бела и други светли бои перете ги со светла облека, а темните со темна. На овој начин подолго ќе ја зачувате свежината на боите на вашиот градник.
  5. Сушете ги на воздух. Никогаш не го ставајте градникот во машина за сушење алишта, затоа што е составен од повеќе различни текстилни влакна, од кои повеќето се осетливи на топлина. Сушалната ќе го собере градникот, што директно ќе влијае на тоа како ќе ви стои и дали големината ќе ви одговара. Исто така, топлиот воздух ќе ја ослабне текстилната структура што ќе резултира со кинење, растегнување и оштетување на градникот. Секогаш сушете ги градниците закачени на жица за сушење или послани на сув пешкир и по можност подалеку од директно изложување на сонце, за да не избледат боите на градникот.
  6. Чувајте ги на соодветен начин. Откако сте ги испрале и исушиле, градниците чувајте ги во фиока заедно со другата долна облека. Корпите ставете ги една во друга и внимавајте да не се згмечени или притиснати, погрижете се фиоката да има доволно место за градниците да бидат уредно наредени во неа.

 

Забрането е копирање на текстот!