Поаѓањето во училиште претставува пресвртен момент во животот и развојот на секое дете. Времето кое дотогаш целосно го поминувало во играње, сега треба да го подели со времето поминато во училиште, пишување домашни задачи и учење. Од децата се очекува на своите плеќи, освен многубројните обврски, да ги носат и своите училишни торби.
Седењето неколку часа во училишна клупа е сосема нова активност за првачињата и логично е тие да бараат начини да си ја олеснат оваа активност: седат на столче, едниот лакт го ставаат на училишната клупа, ги вкрстуваат нозете, брадата ја потпираат на рацете, со двете раце се потпираат на клупата и други креативни положби. Ваквата позиција на телата ја применуваат секојдневно. Но, со текот на времето се случува да дојде до лошо држење на телото што резултира со мускулна слабост, деформитети на ‘рбетниот столб и болки.
Сето ова, освен што влијае неповолно на вниманието и концентрацијата на детето, придонесува да се развијат лоши животни навики кои негативно влијаат и врз неговиот развој. Доколку кај некој од другите членови во семејството се присутни деформитети на ‘рбетниот столб или други болести на коските, мускулите и ли зглобовите, потребно е дополнително внимание, коригирање и следење на навиките на детето.
Како да се спречат лошите навики?
Приспособете им го работниот простор, мотивирајте ги и активирајте ги. Столицата треба да одговара на висината на детето, двата лакта да бидат на масата и грбот да го држи исправен. Работниот простор треба да биде осветлен со природна светлина и кога има потреба да се дополни со електрични светилки, да биде функционален, стимулирачки за учење и интересен. Во согласност со можностите добро би било детето да седи на ротирачко столче за да може често да ги менува позициите за седење. Од време на време столчето може да се замени со пилатес топка за седењето да им биде поинтересно и да можат подолго да останат во таа положба.
Според истражувањата, експертите нагласуваат дека училишниот ранец треба да тежи најмногу 10 % од тежината на детето ако ранецот го носи на грб и 20 % ако носи торба со тркалца (ја влече). Тоа значи дека на дете што тежи на пример 40 килограми, училишната торба не смее да му биде потешка од 4 килограми. Сè што е повеќе од оваа тежина може да предизвика болки во мускулите, вратот и грбот, и деформитети на ‘рбетниот столб. Ако детето носи многу учебници, музички инструмент, опрема за физичко и други додатни материјали, тогаш подобро е да користи торба на тркалца отколку класичен ранец за на грб.
Како правилно да одберете училишна торба?
Пред да купите ранец со омилените цртани херои на вашите деца, добро би било да проверите дали тој ги исполнува следните услови:
- да има широки и меки ремчиња
- да не е изработен од кожа, туку од лесен и издржлив материјал
- да биде зајакнат на грбот и да има ремче кое се врзува (закопчува) околу половината
- да има соодветна големина, така што дното на ранецот да не биде под струкот, а врвот да не е над рамениците
- да има повеќе прегради за да може содржината во него подобро да се организира и распореди
Кои се ризиците за развивање деформитети на ‘рбетниот столб?
- претешка или лошо спакувана училишна торба
- носење на торбата на едно рамо
- носење на торбата во една рака
- несоодветен работен простор и несоодветно столче за седење (лошо држење на телото)
- физичка неактивност
Како правилно да ја спакувате училишната торба?
Во задниот дел на торбата треба да бидат ставени поголемите/потешките книги и тетратки, а полесните напред. Училишниот прибор нека биде од полесен материјал и она што не му треба на детето за тековниот ден нека го извади од приборот за да не му тежи дополнително. Патиките и опремата за физичко, блокот за цртање и боиците, спакувајте ги одделно, не во ранецот. Ужинката, ако не тежи многу, може да ја ставите во торбата.
Ако вашето прваче се пожали на болки во рамената, главоболки, пецкање во рацете, замор или забележите дека нема концентрација за да ја следи наставата или не може долго да се задржи на одредена активност, добро би било да обрнете внимание на неговото телесно држење, начинот на седење, носењето на училишната торба, како и евентуална појава на некаков деформитет на стапалата, колената, колковите или ‘рбетниот столб. Набљудувајте ги, мотивирајте ги и потрудете се да бидат физички активни, за навреме да спречите појава на деформитети.
Овозможете им на децата правилно да растат и да се развиваат и заедно со нив уживајте во процесот на растење и созревање.