Колку се опасни детергентите од недоволно исплакнати садови

 

Детергент за машинско миење садови

Детергентите кои се користат во машините за миење садови можат да бидат прашкасти и течни, и содржат моќни состојки за чистење кои можат да предизвикаат тешки, па дури и фатални реакции ако се внесат во телото. Овие хемикалии се корозивни, можат да го оштетат гастроинтестиналниот тракт и да доведат до тешки иритации и токсични системски ефекти.

Некои детергенти содржат хемикалии како содиум хипохлорид, содиум хидроксид, цинк хлорид и хидроцинкит, кои, и покрај тоа што се присутни во многу ниски концентрации, можат да бидат потенцијално токсични.

Две најчести состојки во машинските детергенти се содиум карбонат и потасиум карбонат. И двете предизвикуваат хемиски изгореници на устата, јазикот и грлото ако бидат внесени орално, и истата штета и болка ја нанесуваат на езофагусот и  во стомакот – ако е детергентот проголтан.

Потоа следуваат силни болки во системот за варење, повраќање и дијареа кои можат да содржат крв, а од системските реакции се јавува нагло паѓање на притисокот, проблеми со дишењето, а може да настане дури и оштетување на некои органи.

Постојат и природни и еколошки машински детергенти кои содржат помалку опасни состојки, како што се лимонска киселина и содиум карбонат пероксид, но и такви кои се полни со хемикалии кои претставуваат и краткорочен и долгорочен ризик од токсичност.

Детергент за рачно миење садови

Детергентите за рачно миење садови се течни и генерално се помалку опасни од машинските детергенти. Овие течности се обично класифицирани како нејонски или анјонски детергенти, кои се помалку токсични од катјонските детергенти кои ги има во средствата за омекнување на облеката при перење и во средствата за чистење и за дезинфекција.

Оралното внесување на мала количина детергент за рачно миење садови може да предизвика полесна гастроинтестинална реакција како што е болка во стомакот, повраќање и дијареа. Овие симптоми се поблаги отколку во случај на внесување машински детергент во организмот, траат пократко време и обично поминуваат сами од себе.

Внесување на поголема количина од овој детергент може да предизвика поголема штета на организмот, тешки гастроинтестинални проблеми и депресија на централниот нервен систем (се успорува дишењето и работата на срцето, што може да доведе до кома, па дури и смрт).

Мерки за заштита

Сите детергенти чувајте ги на места недостапни за деца. Надгледувајте ги децата кога ја полните/празните машината за миење садови, бидејќи може да содржи остатоци од нерастопен детергент, кој децата лесно можат да го проголтаат. Темелно проверете ја машината по секое миење за да се осигурате дека никаде нема заостанато детергент.

Без оглед дали садовите ги миете рачно или машински, погрижете се да бидат темелно исплакнати, за да не останат капки и талог кои можат да ја контаминираат храната за која ќе се користат тие садови.

Машината за садови која работи исправно не треба да остава детергент на садовите во количини кои се опасни и можат да ја контаминираат храната. Ако се случува ова, повикајте сервис и не ја користете машината додека не се поправи.

Ако сепак се случи труење со детергент за миење садови, веднаш побарајте медицинска помош.

 

Копирањето на содржината е забрането!