Како да се справите со нискиот притисок

Многу луѓе страдаат од низок притисок, особено млади жени на возраст од 18-25 години. Симптоми на низок притисок се вртоглавица, главоболка, повремени тахикардии, отекување на нозете, немање апетит, омалаксаност и замор, потешкотии во концентрирањето.

Се смета дека притисокот е низок ако осцилира помеѓу 60-70 и 100-110. Тоа не е знак за постоење на некоја болест, но сепак е непријатно. Нискиот притисок не е толку истражен, затоа што за разлика од високиот кој е опасен за срцето и за мозокот, тој не е толку штетен. Симптоматични за него се вртоглавиците и искрењето пред очите кои лицето ги осеќа кога нагло ќе се исправи од лежечка положба. Кога нагло стануваме и гледаме црни дамки или светкање пред очите, тоа се случува затоа што крвта заради силата на гравитација побавно стигнува до мозокот и до срцето, па срцето е принудено посилно да чука за да го забрза крвотокот, и додека тоа се случува – видот и мозокот ја осеќаат разликата. Меѓутоа, сето ова поминува брзо заради природните механизми на организмот, кој ги стега вените во нозете за побрзо да да ја испратат крвта нагоре, па крвотокот се враќа во нормала.

Некои луѓе кои имаат вакви пречки, понекогаш не знаат како да им ги опишат на своите лекари. Но докторот со едноставна метода може тоа да го утврди. Доволно е на пациентот да му го измери крвниот притисок во лежечка положба и потоа уште еднаш кога тој ќе стане. Ако се покажат разлики помеѓу двата притисока, тоа е знак дека тешкотиите потекнуваат од нискиот притисок.

Во борбата за справување со нискиот притисок многу помага движењето, затоа што го поттикнува крвотокот забрзано да работи. Лековите за подигање на притисокот не се многу ефикасни или имаат краткотрајно дејство (додека се зема лекот) и може да имаат незгодни нуспојави. Најдобра стратегија во борбата против нискиот притисок би била секојдневна едночасовна прошетка, качување по скали (на овој начин се зајакнуваат вените во нозете) и почесто пливање (со движење во вода се зајакнуваат крвните садови). Меѓутоа, со спорт треба да се почне постепено, во спротивно може нагло да се зголеми брзината на крвотокот и да се предизвика несвестица, а од неа неретко страдаат токму луѓето со низок притисок.

Копирањето на содржината е забрането!