Флеките од кафе, чоколадо, вино, пот, масло и трева се многу чести и тешко се отстрануваат ако не го правите тоа како што треба. Со неколку основни состојки кои ги имате и дома, може да ја исчистите вашата облека и таа повторно да биде како нова.
Дамките од пот под пазувите ќе ги отстраните со две чаши топла вода, пола чаша алкохолен оцет, четвртина чаша сода бикарбона и едно лажиче сол, на следниот начин: блузата ставете ја во леген со вода, додајте го оцетот, а содата и солта помешајте ги во сад на страна. Блузата нека се кисне во вода половина час, потоа извадете ја и ставете ја на пешкир, и директно на флеката нанесете ја мешавината од сода и сол. Оставете да делува 25 минути, исплакнете со топла вода и потоа исперете ја облеката во машина за перење како и обично. Или едноставно нанесете директно на флеката течен детергент за перење, истријте темелно и исперете во машина за перење.
Дамките од масло отстранете ги со хартиени марамчиња, бебешка пудра, детергент за садови и вода. Вишокот масло впијте го со хартиени марамчиња најмногу што можете, потоа посипете врз флеката бебешка пудра и оставете ја барем еден час да го впие маслото од ткаенината. Потоа отстранете ја пудрата, нанесете на флеката мала количина детергент за садови и малку вода, протријте ја флеката и исперете го парчето облека во машина за перење.
За флеките од кафе, на било која површина користете ладна вода и детергент за садови. Ако е свежа дамка истријте ја со ладна вода додека не се раствори целосно, а ако не помогне ова, додајте сапун за перење или детергент за садови и тријте додека флеката да се испере.
Флеките од трева се едни од најчестите и нив ќе ги отстраните со алкохолен оцет. Ставете оцет директно на флеката и оставете го да делува 10 минути. Потоа облеката исперете ја во машина за перење.
Флеката од чоколадо натопете ја со млака вода и сапун за перење. Ако ова не делува, додајте сок од лимон, истријте и исплакнете.
За свежи флеки од вино покиснете ја облеката во млака вода најмалку половина час, ако ова не помогне нанесете директно на дамката сапун за перење и покиснете го парчето облека во сапуница, потоа исперете го во машина за перење на вообичаен начин.