Имагинарното другарче може да биде добро за детскиот развој

 

Многу родители се наоѓаат во ситуација нивното дете да им раскажува за своето замислено другарче. Експертите препорачуваат да не се грижите ако се случи ова, затоа што тоа спаѓа во процесот на учење низ кој поминува секое дете.

Во периодот од третата до осмата година, 65 % од децата во некој момент имаат другарче од фантазијата. Детето во тој период почнува да го формира идентитетот и почнува да ги сфаќа и да ги тестира границите помеѓу фантазијата и реалноста. За децата со бујна фантазија измисленото другарче е извор на константна утеха и другарство. Иако постои правило дека децата го надраснуваат измисленото другарче кога ќе појдат на училиште, некои деца сепак продолжуваат да се дружат со него и потоа.

Замисленото другарче обично “се појавува” во период кога детето ќе добие брат или сестра, ако во училиште е жртва на врсничко насилство, ако родителите не му дозволуваат во домот да чува милениче, кога има голема разлика помеѓу првото и второто дете, ако е детето единче или едноставно е продукт на бујната фантазија на детето.

Многу родители се обидуваат да го обесхрабрат детето во ваквите игри бидејќи не знаат како правилно да постапат. Тие се загрижени затоа што сметаат дека детето треба да си игра со вистински пријатели, а не со невидливи. Меѓутоа, психолозите тврдат дека нема причина за страв сè додека детето одржува комуникација и со други (вистински) пријатели и не се затвора во себе и во свој свет.

Според нив, играта со имагинарно другарче му помага на детето да се стави себеси во повеќе различни улоги во важен период од социјалниот развој. Потоа, му помага на детето да почувствува контрола, дисциплина и моќ без нервозата која се создава во контактите со вистински, реални личности и дека се труди да разбере важни работи од светот кој го опкружува.

Психологот Ана Тоби вели дека децата кои имаат замислено другарче имаат понапредни комуникациски вештини и се поартикулирани. Постоењето на измислено другарче е знак за креативно дете, ја зголемува креативноста, самодовербата и самопочитта кај децата.

Децата не се единствени кои си разговараат со замислени другарчиња. Истражувачот Дејв Мил го создал својот измислен пријател Никој (Nobody) на возраст од 34 години, како механизам за преживување за време на неговата самостојна истражувачка мисија на Северниот Пол.

 

Забрането е копирање на текстот!