Често пати осеќаме глад и јадеме повеќе отколку што треба, иако всушност имаме сосема друг проблем.
Способноста за правење разлика меѓу лажниот и вистинскиот глад може да му помогне на нашето здравје и на одржувањето на здрава телесна тежина. Исто така, ни овозможува да препознаеме кога на организмот навистина му е потребна храна, а кога нешто сосема друго.
Во кои ситуации јадеме и покрај тоа што не сме гладни?
- Глад заради погрешна исхрана
Во овој случај, симптомите на глад вклучуваат желба за јадење нешто благо и глад непосредно по завршувањето на оброкот. Ако сте изеле обилен ручек кој содржел многу прости јаглени хидрати, а малку влакна, протеини и здрави масти, заради намалувањето на нивото на шеќер во крвта настапува чувство на глад. Овој вид на глад моментално може да се задоволи со здрав меѓуоброк (овошје, лешници, салата, сирење, сендвич со темен леб), а долгорочно со менување на навиките во исхраната.
- Емоционален глад
Досадата, стравот, анксиозноста, стресот и осаменоста се најчестите извори на емоционален глад. Наместо за храна (особено слатки), одлучете се за прошетка, слушање музика, дружење со пријателите. Ако не можете да се исконтролирате дома, тогаш одете на некое место каде што нема да можете да јадете (библиотека, музеј, парк).
- Глад заради замор
Според научниците, постојат два хормона кои го регулираат чувството за ситост и за глад, лептин и грелин. Грелинот го стимулира апетитот, а лептинот испраќа до мозокот порака дека телото примило доволно храна. Недоволното спиење го намалува нивото на лептин, а го зголемува грелинот, што има двојно поголем негативен ефект врз исхраната. Доаѓа до магичен круг затоа што внесот на поголеми количини храна дава само само краткорочна ситост, па телото бара повторно да јадете. Наместо да се прејадувате, појдете во кратка прошетка, направете шолја зелен чај, ако сте во можност дремнете кратко, а понекогаш помага и неколку пати длабоко вдишување и издишување на свеж воздух.
- Глад, кој всушност, е жед
Проблемот да се разликува гладот од жедта е почест отколку што можете да замислите. Затоа, кога ќе осетите глад, напијте се прво чаша вода за да испитате дали сте навистина гладни или сте биле само дехидрирани.