Психологија

Зошто тинејџерите не ги слушаат родителите?

„Можеш ли да ја раскренеш масата?“

„Те молам, раскрени ја масата“.

„Не знам дали ме слушна – ќе сакаш ли да ја раскренеш масата?“

Ако сте родител на тинејџер, овој тип на „разговор“ веројатно ви звучи познато. Меѓутоа, едно ново истражување покажува дека тинејџерите не одбиваат намерно да ги послушаат своите родители. Невролошки, се чини, адолесцентите го обработуваат гласот на нивните родители поинаку отколку во детството. Студијата ја спровеле научници од Универзитетот Стенфорд, кои се занимаваат со истражувања од областа на психијатријата и бихејвиоралната наука. Тие направиле функционални скенови со магнетна резонанца на млади луѓе на возраст од 13 до 16 ипол години.

За време на скенирањето, по случаен избор, неколку пати меѓу другите снимки, ги пуштале гласовите на мајките на учесниците во истражувањето, и гласови на непознати жени. И мајките и другите жени ги кажувале истите бесмислени зборови за да се осигураат дека учесниците нема да реагираат на значењата на зборовите. Учесниците можеле да го идентификуваат гласот на нивната мајка во околу 97 проценти од случаите.

Овој тим претходно спровел слична студија со помали деца, на возраст од 7 до 12 години. Кај тие испитаници, снимките со магнетна резонанца покажале дека гласот на нивната мајка активира различни области на мозокот, вон оние кои се одговорни за слухот, вклучувајќи центри за наградување, региони за обработка на емоциите и области за визуелна обработка.

Кај тинејџерите, исто така, се покажал зголемен интензитет на реактивност во сите области на мозокот. Врската била толку силна, што истражувачите можеле да ја предвидат возраста на учесникот користејќи ги само податоците за гласовниот одговор. Меѓутоа, забележително било тоа што тинејџерите посилно реагирале на непознатите гласови, особено во областите на мозокот поврзани со наградување и припишување на социјална вредност. Оваа промена била подеднаква и кај момчињата и кај девојчињата.

Всушност, студијата покажува дека мозокот на тинејџерите се менува за да им помогне да се прилагодат на нови луѓе, а во тој процес ставаат помалку акцент на нивните родители. Оваа промена им помага на тинејџерите да се развијат социјално и да формираат врски со луѓе надвор од нивните семејства.

Гласот на мајката е извор на звук кој ги учи малите деца сè за социјално-емоционалниот свет и развојот на јазикот. Фетусот во матката може да го препознае гласот на мајката пред да се роди, но кај адолесцентите – иако тие поминале многу подолго време со овој извор на звук отколку бебињата, нивниот мозок се оттргнува од него во корист на гласовите кои никогаш порано не ги слушнале. Се чини дека невролошките промени ги наведуваат тинејџерите да посветат поголемо внимание на новите гласови и да ги исклучат своите родители.

Затоа, кога вашиот тинејџер не ве слуша, можеби не се работи за бунтовност, туку за основна развојна пресвртница.

Можеби ќе ве интересира

Имагинарното другарче може да биде добро за детскиот развој

Biba

Децата на депресивните трудници почесто страдаат од нарушувања во однесувањето

Biba

Семејниот ручек има повеќе предности за вашето семејство

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.