Знаци кои укажуваат дека поминувате низ рана менопауза

Ако сте во триесеттите или во раните четириесетти години и ви доцни циклусот, прво што сигуро ќе го помислите е бременост. Една од можните причини која сигурно нема да ја земете во предвид е раната менопауза.

Повеќето жени влегуваат во климактериум на возраст помеѓу 48 и 50 години. Сепак, 1% од жените ќе доживеат преуранета менопауза која се јавува во раните четириесетти години.

Единствената разлика меѓу преуранетата, раната и стандардната менопауза е времето. Ако цела година не сте добиле менструација без никаква друга прични, а имате 40 години или нешто повеќе, тогаш е многу веројатно дека влегувате во менопазуа. Менструацијата може да изостане и заради рак на дојка, бременост и хипертиреоза, па во секој случај треба да се исклучат сите други причини и состојби кои би предизвикале да се наруши месечниот циклус.

Менопаузата е природна состојба која ќе ја доживее секоја жена порано или подоцна, но ако се појави премногу рано, може да предизвика одредени последици. Освен непријатните симптоми, тоа е воедно и знак дека нема да можете да добиете деца на природен начин, а можеби сте планирале.

Што треба да знаат сите жени помлади од 45 години за раната менопауза

Лекарите немаат едноставно објаснување за тоа што ја предизвикува раната менопауза, но постојат два големи индикатори – генетиката и одредени абнормалности во структурата на хромозомите. На пример, ако вашата мајка имала рана менопауза, тогаш е многу веројатно дека истото ве чека и вас. Вториот индикатор се нарекува синдром на фрагилен хромозом X, кој предизвикува интелектуален инвалидитет кај децата, а кај жените често пати се прават тестови да се утврди дали постои тој синдром. Кај раната менопауза, јајниците престануваат да произведуваат естроген.

Сепак, дури и ако постојат генетски предиспозиции или тестот за кревок X хромозом е позитивен, раната менопауза тешко се дијагностицира. За вистински да се докаже рана менопауза, жената мора да направи тестови кои го анализираат нивото на хормоните, а тие се подложни на големи осцилации, па тестовите тешко се спроведуваат и често пати не се веродостојни.

Симптоми на рана менопауза

Симптомите на менопауза, без разлика дали е преуранета или стандардна, воглавно се исти: засилено ноќно потење, сувост во вагината, нагли промени на расположението, топлотни бранови, несоница, раздразливост.

Најголемата разлика се состои во тоа што овие симптоми кај раната менопауза се многу поинтензивни отколку кај стандардната, заради нивото на хормоните.

Како да се справите со раната менопауза

Ако имате симптоми на рана менопауза пред 45-тата година, многу е важно да побарате медицинска помош, за да добиете соодветен третман и терапија која ќе ви помогне полесно да се справите со симптомите.

Ако сте соочени со рана менопауза, а сè уште сакате да имате деца, и понатаму постои можност за бременост, но мора што побрзо да побарате медицинска помош.

Исто така, одредени промени во животниот стил можат да ви помогнат овој период да ви биде полесен и поподнослив. Избегнувајте храна и напитоци кои ви ги засилуваат топлотните бранови, како што е кофеинот, црвеното вино и многу зачинета храна. Може да се советувате со лекар за користење на суплементи како калциум кој ќе ги заштити вашите коски, а може да размислите и за користење на хормонска терапија која ќе ублажи некои од симптомите и ќе го намали ризикот од добивање болести како што се деменција, остеопороза и срцеви болести.

Од сето наведено, може да се заклучи дека соочувањето со рана менопауза е тешко и може негативно да се одрази на здравјето на жената и на нејзината ментална состојба, но постојат начини кои можат многу да ја олеснат таа состојба и да ги ублажат симптомите кои ги предизвикува менопаузата. Најважно е жените да се охрабрат да не се срамат да зборуваат за тоа и да побараат лекарска помош ако им е потребна.

Don`t copy text!