Емоционално прејадување

 

Кога животот станува стресен и напнат или досаден и монотон, храната може да послужи како средство со чија помош ги ублажуваме непријатните емоции. Тоа е и една од главните причини за неуспешноста на диетите – јадеме и тогаш кога не сме гладни. Храната навистина може да влијае на нашето расположение, но тоа влијание е моментално и краткотрајно. По прејадувањето најчесто се чувствуваме уште полошо: не само што не сме го решиле првобитниот проблем кој нè поттикнал да посегнеме по храна, туку чувствуваме и вина заради тоа што сме се прејале.

Што е емоционално прејадување?

Емоционално прејадување, или јадење под стрес, е јадење заради задоволување на емоционални потреби, а не физички глад. Од време на време сите посегнуваме по храна за да се наградиме за нешто или за да прославиме некој настан, и тоа не е лоша работа. Но, кога јадењето станува примарен механизам за справување со емоциите, кога првиот импулс ви е да го отворите фрижидерот секогаш кога сте под стрес, анксиозни, осамени, тажни, лути, изморени или едноставно ви е досадно, влегувате во нездрав магичен круг во кој вистинските чувства и проблеми (кои се кријат зад прејадувањето) остануваат нерешени.

Кои се причините за емоционалното прејадување?

  • Стрес. Предизвикувачи на емоционално прејадување можат да бидат многу причини, но некои се јавуваат почесто од другите. На прво место се наоѓа стресот, кој нè исцрпува и ментално, и физички, и емоционално. Луѓето под стрес посегнуваат по храна за да се смират и во обид да ги намалат насобраните негативни емоции.
  • Досада или чувство на празнина. Кога се чувствувате празно и неисполнето во животот или не знаете што да правите и како да го пополните времето, јадете за да ја наполните устата и за да го пополните времето со нешто. И моментално, ова ве исполнува и ги потиснува чувствата на бесцелност и незадоволство од вашиот живот.
  • Социјално влијание. Дружењето со пријатели е одличен начин за ослободување од стресот, но исто така може да доведе и до прејадување. Многу е лесно да ѝ се препуштиме на храната во моменти кога ни е толку достапна како на седенките во друштво и затоа што сите други јадат. Во социјалните ситуации се прејадуваме и кога сме нервозни или заради тоа што нашето семејство на семејните собири го поттикнува тоа и нè охрабрува да изедеме повеќе, а ние немаме сила да им се спротивставиме.
  • Замор. Заморот како предизвикувач на емоционалното прејадување се јавува како последица на модерниот и динамичен начин на живот. Кога немаме време посегнуваме по храна која ќе ни го одржи нивото на енергија и ќе ни даде доволно сила да ги завршиме сите обврски во предвидениот рок.
  • Навика од детството. Потсетете се како било во вашето детство: дали родителите ве честеле со пица за добриот успех во училиште, дали ве орасположувале со сладолед и чоколадо кога сте биле тажни, дали за доброто однесување ве наградувале со храна? Овие навики човекот често пати ги пренесува и во возрасната доба. Или пак јадете кога сте носталгични за времето кога сте биле деца, па сте правеле колачиња заедно со мама или сте оделе на хамбургер со тато.

Кои се разликите помеѓу емоционалниот глад и физичкиот глад?

Емоционалниот глад може да биде многу моќен, па лесно може да се замени со физичкиот. Обрнете внимание на разликите помеѓу физичкиот глад и емоционалниот глад.

  • Емоционалниот глад се случува одеднаш. Одеднаш имате чувство дека сте прегладнети и морате итно да изедете нешто. Физичкиот глад, за разлика од емоционалниот, доаѓа постепено.
  • Емоционалниот глад бара специфична храна која ви нуди утеха. Кога сте физички гладни, секоја храна ви изгледа примамливо. За разлика од тоа, емоционалниот глад бара претежно слатки и брза храна (таканаречена junk food) кои даваат моментална енергија и задоволство.
  • Емоционалниот глад често пати води кон несвесно јадење. Додека да станете свесни, сте изеле цело ќесе чипс или неколку парчиња торта без да обрнете внимание на количината и без да уживање во јадењето. Кога јадете заради физички глад, повеќе сте свесни за тоа што и колку јадете.
  • Емоционалниот глад не е задоволен кога ќе се најадете. Јадете сè додека не се преполните толку многу што осеќате тежина во стомакот. За разлика од ова, физичкиот глад ве тера да јадете само онолку колку што ви треба за да осетите ситост.
  • Емоционалниот глад не се наоѓа во стомакот. Потребата за јадење не ви доаѓа од празнината што ја осеќате во стомакот, туку ви е во главата. Имате неодолива потреба за одредени вкусови, мириси и текстури на храна.
  • Емоционалниот глад често пати предизвикува вина, срам и каење. Кога јадете за да задоволите физички глад, многу малку е веројатно дека ќе чувствувате вина или срам, затоа што му го давате на телото тоа што му е потребно. Ако чувствувате срам или вина по јадењето, многу е веројатно дека длабоко во себе знаете дека не сте јаделе заради физички глад.

Како да престанете со емоционалното прејадување?

Како и кај сите нарушувања во исхраната, така и ова од вас ќе бара многу трпение и самодисциплина. Следуваат неколку совети како да го прекинете овој циклус на автодеструктивно однесување.

  • Најпрво, бидете свесни за својата состојба и признајте дека имате проблем со прејадување.
  • Размислете кои емоции ви предизвикуваат желба за јадење. Кога ќе се соочите со коренот на проблемите, имате прилика да научите и како да се справите со негативните емоции на конструктивен начин.
  • Јадете само кога сте гладни и држете се до испланираните оброци во текот на денот. Јадете полека и уживајте во секој залак.
  • Сменете го пристапот кон животот. Заедно со здравата исхрана, внесете спортување и активности кои ве веселат. Здравиот пристап кон животот и општото задоволство ќе ви помогнат полесно да се изборите со лошите навики.
  • Не чувајте дома висококалорична храна. Ако не ви е на дофат, не можете ни да се прејадете со неа. Ако и осетите итна потреба да јадете, тогаш посегнете по овошје или по зеленчук.
  • Ако станете свесни дека јадете заради емоционален глад, веднаш напуштете ја просторијата и излезете надвор. Одете на прошетка на чист воздух, дишете длабоко или направете си пенлива купка. На тој начин не само што нема да ви се јаде, туку и ќе направите уште една добра работа за вашиот организам.
  • Направете листа со активности кои можете да ги правите за да ги оттргнете мислите од јадењето. Гледајте филм, читајте книга, одете на кафе со пријатели, играјте со вашиот домашен миленик, легнете да се одморите, имате многу можности.
  • И се разбира, ако имате потреба, посетете психолог кој ќе ви помогне да научите техники со чија помош ќе ги изразувате наместо да ги потиснувате негативните емоции, и ќе научите други здрави начини за справување со емоциите.

 

Копирањето на содржината е забрането!