Продукциската куќа “Сестри и брат Митевски” информира дека “Една”, најновата краткометражна анимација на Вук Митевски, својата премиера ќе ја има на престижниот 59-ти интернационален Краков филмски фестивал (www.krakowfilmfestival.pl).
“Една” ќе биде прикажана во главната конкуренција за кратки и анимирани филмови и ќе се бори за наградата Сребрен змеј за најдобар анимиран филм, со уште 9 анимации од целиот свет. “Една” во Краков ќе се прикажува на 28 и 30 мај.
Краков интернационалниот филмски фестивал се вбројува во најдобрите десет фестивали во светот посветени на анимираните филмови и вброен е помеѓу ретките фестивали кои водат до директна номинација за наградата Оскар во категоријата на кратка анимација.
“Една” е 11-минутна анимација која беше инспирирана од бегалската криза, каде што Македонија како транзитна земја ја проследи реката човечки судбини. Во суштина, “Една” е љубовна приказна поставена во многу необични околности, раскажана на многу апстрактен и поетски начин. Анимацијата е целосно изработена во рачен цртеж и на авторот му беа потребни речиси три години за да ја изработи оваа магична анимација.
“Една”е копродукција помеѓу Македонија и Белгија и е поддржана од македонската Агенција за филм. Продукцијата целосно се одвиваше во Македонија, а постпродукцијата во Германија, каде што беше работен звукот, Франција каде се изработуваше музиката, и Белгија каде се работеше лабораторијата и миксот. Сценариото е на Теона Стругар Митевска, музиката е изработена од Оливие Самујо, звукот на Емил Клотц, монтажа на Благоја Неделковски и Ванчo Мираковски.
По претходниот голем успех со повеќекратно наградуваната анимација “Алерик”, ова е четврта анимација на Вук Митевски.