Самото поседување на домашен миленик го намалува стресот, и следствено на тоа, се намалува веројатноста да се појават одредени болести.
Кучињата ги принудуваат своите сопственици на движење. Животните можат да им помогнат на децата да научат да бидат одговорни. Понекогаш, за некои психички и физички проблеми, тие се подобри терапевти и од професионалците.
Меѓутоа, сето тоа важи само под еден услов: личноста мора да го прифати животното. Секој кој не ги сака животните или се плаши од нив, нема да има никаква корист од нивната близина. Исто така, децата кои своето животинче го остават затворено во кафез по цел ден, ништо нема да научат за одговорноста, вели германскиот психолог и водач на проектот за истражување на животните во општеството, Рајнхолд Берглер.
Тој нагласува дека многу е важен правилниот пристап, затоа што во спротивно домашниот миленик може да развие проблем во однесувањето, што ја исклучува секоја можност од корисноста на односот помеѓу човекот и животното.
Не е тајна дека животните се здрави за луѓето. Уште во XVIII век калуѓерите во еден манастир во Јорк ги користеле подеднакво и молитвите и животните кога се обидувале да ги решат своите проблеми. Тие резултати подоцна се потврдени и во многубројни студии.
Што е тоа во животните што им помага на луѓето? Листата е долга.
“Животните отвораат нови светови”, вели Греам Форд од германското здружение Животните им помагаат на луѓето, кое е посветено на пружање помош на луѓето со користење на домашни миленици. Членовите на здружението одат во посета на старечки домови, болници и градинки заедно со животни, најчесто кучиња.
Реакциите се позитивни. Старите луѓе кои обично седат тивко пред телевизор, одеднаш стануваат покомуникативни кога е животното во близина, бидејќи чувствуваат дека живо суштество им се приближува без сомнеж и резерва, ужива во нивното внимание и ги прави среќни.
Во едно истражување, 200 лица од старечки дом добиле на чување по еден папагал тигрица на осум недели. “Кога заврши истражувачкиот период, апсолутно ниту еден од тие 200 не сакаше да го врати папагалот назад”, изјави Берглер. Дополнително, атмосферата во домот значително се подобрила затоа што луѓето правеле нешто заедничко и имале заеднички теми за разговор.
Слични резултати се добиени и во истражување кое се занимавало со дружењето на кучињата и хронично невработените луѓе. Кучињата се покажале како одлични борци против депресија. “Тие гарантираат излегување надвор на дневна светлина, секојдневни активности и социјални контакти”, вели германскиот лекар Екарт фон Хиршхаузен.
Едно друго истражување покажало дека луѓето многу побрзо се опоравуваат по операција на срцето ако имаат куче. Само изнесувањето на кучето на прошетка помага во намалувањето на крвниот притисок и нивото на холестерол во крвта. Исто така, и обичното галење на животните ги намалува пулсот и крвниот притисок.
Австралиски лекари во едно истражување докажале дека сопствениците на кучиња многу поретко одат лекар од луѓето кои немаат миленик. Независно дали се работи за мачка, куче, хрчак или папагал, луѓето со нив се чувствуваат помалку осамено.
Децата со помош на домашните миленици се учат не само да ги сакаат животните, туку и градат односи со луѓето. “Родителите би требало да бираат домашен миленик на основа на тоа кој миленик ќе ги научи децата на одговорност и на емпатија”, вели Хиршхаузен. “Тоа значи дека крзнените животни кои покажуваат емоции се покорисни, од, на пример, желка која само гледа под оклопот и џвака салата”, нагласува тој.