Добрата организација е облик на грижа за самите себе

 

Нередот во домот може длабоко да ја фрустрира личноста. Замислете го физичкиот простор околу себе како метафора за вашата состојба на умот. Влијанието кое безредието и дезорганизацијата го имаат врз нашиот живот е универзално и многу длабоко.

Кога ни е домот во неред, потешко се релаксираме и психички и физички. Хаотичен простор му сигнализира на нашиот ум дека работата не е завршена. Уште полошо, може да направи да се чувствуваме депресивно, преоптоварено, анксиозно, дури и да нè парализира. Кога објективно размислуваме за нередот и неговото негативно влијание врз секојдневните активности, наспроти функционалниот и уреден простор, јасно е дека дури и мали чекори за уредување на домот можат да имаат голем ефект.

На кој начин нередот и дезорганизацијата влијаат на нас?

Деконцентрација. Физичкиот неред го бомбардира нашиот ум со претерана стимулација. Го знаете она безмилосно чувство кое ви стои над глава додека не завршите некоја задача со стриктно утврден рок? Дезорганизираниот простор ни го одвлекува вниманието, нè деконцентрира и ни предизвикува анксиозност, затоа што никогаш не сме сигурни дали ќе најдеме нешто што бараме во тој хаос.

Емоционална цена. Можете ли да поканите дома гости без да поминете низ процес на панично чистење и средување на расфрлани работи? Ќе се намрштите и штрекнете ли ако некој отвори фиока да земе нешто од неа? Кога сакате да го сокриете од другите вашиот дом или се срамите од него, за тоа плаќате со чувства на вина и срам.

Напнати односи во врската. Замислете ја трпезариската или масичката во дневната соба покриена со домашни работи на децата, весници, списанија, клучеви, мобилни телефони, далечински управувачи, играчки, ситни ѓубренца, трошки од храна, книвчиња од чоколатца, мастики… Ви се крена косата на главата? Има многу парови кои биле на раб на развод заради тоа што состојбата на физичкиот простор околу нив предизвикувала многу тензија, непријателство и гнев.

Намалена продуктивност. Пресметајте го времето кое го губите секојдневно во барање на клучевите, чадорот, некоја играчка, или кога купувате работи кои сте ги затуриле низ дома или исчезнале. Не само што ви троши време и пари, туку дополнително и доцните барајќи го низ домот изгубениот предмет. Давањето време да си го уредите и организирате просторот и животот, значи да практикувате многу важна форма на грижа за самите себе.

Ова се некои од бенефитите што ќе ги почувствувате веднаш:

  • Ефикасност. Наместо панично да барате предмети низ домот, тоа време можете да го искористите за релаксирање, дружење, читање, за нешто што ви предизвикува задоволство. Добрата организација е најкраткиот пат до заштеда на време, енергија и пари.
  • Јасност и контрола. Замислете дека секој предмет во вашиот дом има своја цел и јасно одредено место. Организацијата ви овозможува ефикасно да го најдете тоа што ви треба и со леснотија да се движите низ денот.
  • Слобода. Добро организираниот дом ви дава слобода за, на пример, да пречекате гости или да работите на некој свој проект.
  • Спокојство. Организацијата е еднаква на мир. Има причина зашто заминуваме од дома за да одиме на одмор во хотел или апартман. Овие уредени простори ни даваат визуелен сигнал дека е време да се одмориме. Зашто да не ја создадеме истата естетика и чувство и во нашиот дом?
  • Одржливост. Кога сме дезорганизирани, лесно губиме предмети и контрола. Сте купиле ли некогаш пакување макарони, па потоа да откриете дека дома имате три исти такви пакувања пикнати некаде позади во шкафот со храна или шпајзот? Кога предметите низ домот се организирани, знаеме точно што и колку ни треба. Со оваа практика никогаш нема да фрлате храна.

Што можете да направите веднаш за да почнете да го средувате нередот во домот?

  1. Почнете со нешто ситно. Повеќето луѓе сакаат да го организираат одеднаш целиот стан или целата куќа. Кога тоа нема да им појде од рака тие се чувствуваат преплавени со премногу работа и се откажуваат. Затоа, почнете со нешто помало – на пример, средете една фиока или едно шкафче. Потоа погледнете што сте сработиле и колку убаво изгледа тоа, па решете кој простор ќе го средувате следен. Имајте на ум дека серија мали уредувања со време ќе придонесат за масивна трансформација на домот.
  2. Бидете чувар. Кога ќе сфатите дека буквално сè што влегува во вашиот дом треба да се организира, чува, да се чисти, да му се најде место, ќе размислите за количината на тоа што ќе го внесете дома. Купувајте рационално, внимателно и плански. Облеката и предметите кои повеќе не ви се потребни и не ги користите, можете да ги донирате или подарите.
  3. Најдете место за сè. Размислете за предметите кои често ги губите или затурате. За секој од овие предмети назначете одредено место. На пример, во близина на влезната врата ставете сад за клучевите, или одредете место за кутија во која ќе ги чувате сметките.
  4. Планирајте однапред. Грижете се за утрешниот ден така што ќе се подготвите еден ден порано. Однапред подгответе ја облеката што ќе ја носите утре, испланирајте што ќе јадете/готвите, подгответе ја торбата со сите потребни работи за следниот ден.

Не мора да бидете “организирана личност” за да практикувате организациска дисциплина и средување на нередот. Во свет во кој често пати имаме малку или никаква контрола, организацијата ни нуди можност да создадеме ред и спокојство во нашиот дом и во нашиот живот. Сè што треба да направите е – да почнете.

 

Don`t copy text!