На локација на древни гробови јужно од Каиро е откриена нова гробница во која бил закопан свештеник. Според испитувањата, мумијата што била пронајдена во гробницата е стара 2500 години.
Египтологот Захи Хавас и неговиот египетски тим откриле 3 запечатени саркофага од 26-тата династија.
Во еден од саркофазите имало добро зачувана мумија на високорангиран египетски свештеник, замотана во платно и украсена со златна фигура на египетската божица Изис.
Тимот ги отворил и останатите два саркофага, во кои имало мумија на жена украсена со сини монистри, а третиот саркофаг содржел мумија на постар човек за кој се смета дека е таткото на семејството во семејната гробница.
Откритието е објавено на Дискавери каналот.
Во гробница во провинцијата Минја откриена е и глава од восок.
“Никогаш не сум открил вакво нешто на локација од доцниот период”, изјави Хавас.
Тимот на археолози ја откри оваа локација пред една ипол година, и сè уште трае ископувањето.
“Мислам дека на оваа локација ѝ е потребно уште 50 години ископување за комплетно да се истражи”, рече Хавас за Ројтерс.
На оваа локација во 1927 година откриен е голем саркофаг од варовник кој е изложен во Музејот во Каиро.