Убавина

Вечерни ритуали за релаксирање после напорен ден

 

Од моментот кога наутро се будиме до моментот кога навечер легнуваме, секој ден е брзаница од една до друга обврска кои чекаат на нас во текот на денот. Самата помисла дека после будењето имаме листа од 20 работи кои треба да ги направиме во текот на денот може да биде извор на анксиозност. Со практикување на неколку едноставни навики во текот на вечерта, можеме да се подготвиме за утрешниот ден и на тој начин да се ослободиме од претстојниот стрес. Според некои истражувања 45 % од работите кои ги завршуваме во текот на денот се автоматизирани преку навиките кои сме ги формирале. Со воспоставување на позитивни вечерни ритуали не само што добро ќе се одморите ноќта туку и ќе се подготвите за порелаксиран ден утредента.

Создајте навика да вежбате секој ден, макар и кратко. Без оглед дали ќе џогирате низ населба или ќе вежбате јога дома, 20-30 минути дневно физичка активност може многу да ви користи и ментално и физички. Особено ако имате канцелариска работа, многу е важно да го раздвижите телото после цел ден седење пред компјутер. Ослободете се од стресот од напорниот работен ден преку вежбање и легнете си навечер со освежено тело, ум, и душа. Вежбањето исто така и дополнително ќе ве измори, што ќе придонесе за долг и квалитетен сон.

Оставете го кофеинот. Можеби денот го започнувате со шоља кафе, но навечер пред спиење последно нешто што му треба на организмот е кофеин. Многу подобро е да испиете чаша хербален чај кој ќе ве смири и опушти, на пример од камилица или нане, а можете и да комбинирате различни вкусови и така да го збогатите вашето вечерно уживање со чај. Маточината, липата и мајчината душичка се исто така едни од оние чаеви кои ќе ви помогнат да се ослободите од стресот насобран во текот на денот.

Искапете се во полна када. Како што велат, телото е храм, и нема ништо подобро отколку да се почестите себеси со топло капење во када полна со сапуница после долгиот ден преполн со обврски. Топлата вода ќе ви ги опушти мускулите и ќе ве релаксира. За дополнително уживање и релаксација запалете миризливи свеќи, пуштете релаксирачка музика или во водата за капење ставете некоја миризлива сол. После капењето ќе бидете подготвени за долга и ноќ која ќе ве одмори и ќе ве подготви да го освоите утрешниот ден.

Детоксифицирајте се од мобилниот телефон. Многу од нас гледаат во компјутерски монитор во текот на целиот ден. Последно нешто што им треба на очите е да зјапаат во уште еден екран цела вечер. Колку и да ви се примамливи социјалните мрежи, одредете време во кое нема да го користите мобилиот телефон или компјутерот. Најмалку еден час пред легнување одвојте се од сите електронски уреди во домот. Ако чувствувате немир, пробајте да го окупирате умот со читање некоја интересна книга, решавање крстозбор или искористете го тоа време да се јавите на пријател со кој долго време не сте се слушнале.

Подгответе се за следното утро. Она што можете организирајте го од вечер за следното утро да ви биде што е можно помалку стресно. Одберете која облека ќе ја носите и испеглајте ја од вечер, да биде подготвена за облекување следното утро. Можете исто така и јадењето да си го подготвите од вечер и да ве чека спакувано во фрижидер утрото пред тргнување на работа. Поминете го во глава распоредот за утрешниот ден и направете приоритети, тоа ќе ви помогне поуспешно да го испланирате следниот ден. Со овие подготовки ќе бидете порелаксирани утрото пред работа и дури ќе имате можеби и малку повеќе време да поспиете.

 

Слични написи

Што значи SPF факторот на кремите за сончање и како правилно се користат

Biba

И вишокот килограми е секси

admin

Тајните на добрата маскара

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.