Ноќното чкрипење со забите, кое се нарекува бруксизам, не е само непријатно за оној што спие до вас, туку може да предизвика и одредени здравствени проблеми, затоа што во тие моменти се користи поголема сила отколку при обичното џвакањето, велат стручњаците.
Има два вида на бруксизам: движење на долната вилица, што може да биде прилично гласно, и вториот вид е стискање на забите без движење, што е нечујно.
Порано се мислело дека бруксизмот е предизвикан од несовпаѓање на долниот и горниот забен лак, но новите истражувања покажуваат дека има психогено потекло и е предизвикан од стрес, анксиозност и психичката напнатост, на кои сме често изложени во брзото темпо на животот.
Стручњаците нагласуваат дека голема улога игра и генетиката, која е одговорна за 40 – 60 % од случаите. Чкрипењето со забите е двапати почесто кај пушачите отколку кај непушачите, а причинители можат да бидат и лековите, користењето на дрога и пиењето алкохол.
Бруксизмот предизвикува прекумерно трошење и пукање на забите, болки во забите и вилиците и главоболки. Успешно се третира со психотерапија и отстранување на медицинските и психолошките причинители за стресот, а се користат и посебни штитници за забите ноќно време кои го амортизираат стискањето на вилиците и ги заштитуваат забите од триење.
И децата можат да страдаат од бруксизам
Особено децата на предучилишна возраст, во периодот кога им никнуваат млечните заби и потоа во периодот кога им никнуваат трајните заби. Приближно 15 – 33 % од децата несвесно чкрипат со забите, исто како и и возрасните, претежно за време на спиењето.
Сè уште не се знае точната причина за оваа појава кај децата, но се претпоставува дека причините вклучуваат несоодветен контакт на долната и горната вилица, несовпаѓање помеѓу горната и долната вилица, болест, некои други медицински состојби како што се алергиите, малнутриција, ендокрини нарушувања, и психолошки фактори како стрес и анксиозност.
И кај децата чкрипењето со забите може да предизвика трошење на забите, главоболки и болки во вилиците.
За да ја намалите оваа појава кај нив, редовно посетувајте го стоматологот, намалете го стресот особено пред спиење, погрижете се детето да пие доволно течности, бидејќи и дехидратацијата се поврзува со бруксизмот и правете вежби за релаксација на мускулите.
Кај предучилишните деца обично не се потребни никакви интервенции, а кај поголемите може да се јави потреба од носење на штитник за забите ноќно време кој ќе го изработи вашиот стоматолог или други стоматолошки интервенции.