Брзата храна влијае негативно и на физичкото и на психичкото здравје

Брзата храна уште се нарекува и junk food (junk-ѓубре и food-храна), што само по себе зборува за (не)квалитетот на овој вид исхрана. Во junk food спаѓаат сите оние јадења кои содржат високо ниво на маснотии, шеќери и нездрави адитиви, односно брзата храна како што се хамбургерите, пржените компирчиња, чипсот, кекси и сите засладени газирани сокови.

Без оглед на вашата возраст, ефектот кој овој тип на исхрана го има на човечкиот организам е ист за сите и секогаш е негативен – посебно ако често се храните на ваков начин. Брзата храна не содржи доволно енергија за вашите секојдневни активности и затоа имате потреба да јадете повеќе, а содржи високи нивоа на нездрави масти и многу малку хранливи материи.

На долг рок, срцето и кардиоваскуларниот систем не можат да функционираат како што треба заради високиот процент на холестерол кој го внесувате во вашето тело. Маснотиите се таложат во крвните садови, а срцето мора повеќе да се напрега за да ја испумпа крвта низ нив, заради што се осеќате поуморни од обично. Вишокот холестерол во телото може да го уништи црниот дроб. Лошата исхрана, освен до дебелеење, може да доведе и до проблеми со дигестијата.

Јадењето брза храна најмногу го загрозува здравјето на најмладите. Децата сè повеќе страдаат од дебелина (заради високиот удел на маснотии и шеќери), дијабетес (заради високиот удел на шеќери) и висок притисок (заради високиот процент на натриум во брзата храна). Освен тоа, истражувачите го поврзуваат консумирањето junk food со зголемен ризик за развој на астма. Тие утврдиле дека децата кои еднаш неделно јадат хамбургер имаат 75% поголема веројатност да добијат астма во споредба со децата кои воопшто не јадат хамбургер, и 100% поголема веројатност дека ќе имаат проблеми со дишењето.

Брзата храна не влијае само на физичкото здравје, туку и на психичкото така што предизвикува нагли промени на расположението, депресија и потешкотии во справувањето со секојдневните задачи и проблеми.

Забрането е копирање на текстот!