Археолозите кои вршат ископување на локалитетот на ридот Сион во Ерусалим, откриле докази за вавилонското освојување на градот и за неговото библиско уништување.
Научниците од Универзитетот на Северна Каролина пронашле значајни археолошки откритија на локалитетот, вклучително и слоеви на пепел, стрели, скршени делови од ламби и лонци, а најмногу изненадува откритието на накит.
Управителот на универзитетскиот археолошки проект “Mount Zion”, Шимон Гибсон, за CNN објаснува дека пронаоѓањето на ретките форми на накит е првиот доказ за постоењето на т.н. “елита”, односно богати жители на Ерусалим, кои живееле во периодот пред освојувањето меѓу 587-586 пр. н. е.
Шимон Гибсон додава дека откриениот накит на локација каде што имало борби и освојувања е реткост, од причина што освојувачите освоениот плен секогаш го претопувале.
Историчарите сметаат дека при вавилонското освојување на Ерусалим предводено од кралот Набукаднезар II, дошло до уништување на градот и смрт на поголемиот дел од населението. Тогаш најверојатно бил срушен и Соломоновиот храм, што исто така се споменува во Стариот завет.
Овој ден во еврејскиот календар се смета за најтажниот ден во годината и евреите го одбележуваат со пост и жалост.