Стоматолози од Аргентина создадоа ензимски гел наречен BRIX 3000 кој наводно може да отстрани кариес за само неколку минути без анестезија и користење на скапи и болни методи.
Самата помисла на стоматолог и лечење на заби во луѓето буди страв и непријатност, кои сите во некој дел од нашиот живот некогаш сме ги почувствувале.
Ситуацијата радикално може да се смени доколку тврдењето на аргентинските заболекари за нивниот изум гелот BRIX 3000 се потврди како вистинито и функционално.
BRIX 3000 претставува ензимски гел за третман на кариес кој е нетоксичен и не ја иритира слузокожата. Негова активна состојка е папаинот, ензим присутен во папајата.
Гелот се нанесува директно на кариесот или на непцето и за две минути оштетениот дел може да се отстрани со нежни движења и без притисок.
Гелот и методата е тестирана на повеќе од 2000 пациенти, на деца помеѓу 6-17 години и возрасни помеѓу 35-70 години, на различни типови и квалитет на заби. Кај 80% од пациентите немало потреба од употреба на анестезија, а 9 од 10 пациенти изјавиле дека не почуствувале никаква болка при зафатот.
Овој ензимски гел за две минути доведува до протеолиза на кариесното ткиво, при што го неутрализира и дезинфицира, што значително ја намалува потребата од употреба на ротирачки инстументи. Предноста на овој гел и на оваа метода е што не е агресивна, безопасна е, и може да се користи на трудници и хронично болни.
Една од предностите на гелот е тоа што во исто време може да се третираат повеќе места со кариес, со што значително се забрзува лечењето.
Со овој гел стоматологијата не е комплетно ослободена од класичните методи и од користење на класичните инструменти, но благодарение на гелот значително се забрзува процесот на лечење.
Од неодамна BRIX 3000 е достапен во Аргентина и неговата цена е 46 евра за шприц со 15 употреби.