Краткометражната анимација “Една” на Вук Митевски на штотуку завршениот Филмски фестивал во Краков ја освои наградата на жирито за најдобар европски краткометражен филм и со ова доби директна номинација за Европската филмска академија https://www.krakowfilmfestival.pl/en/awards-of-59th-krakow-film-festival/.
Европската филмска академија, листата на 15 номинации за најдобар краток филм ги добива од наградените филмови од 15 фестивали. Меѓу овие фестивали од кои се добива директна номинација се и Венецискиот, Берлинскиот, Локарно, Сараевскиот, како и Краков филмскиот фестивал, каде што “Една” ја освои оваа награда.
Куриозитет е тоа што на Краков филмскиот фестивал оваа награда се одбира од филмовите во две селекции за краткометражен игран филм и анимиран филм заедно, и токму “Една” ја доби оваа престижна награда од петчленото жири https://www.europeanfilmacademy.org/News-detail.155.0.html?&tx_ttnews%5Btt_news%5D=647&cHash=54160caa95bdf4ab58b3d4e0c77b13cb.
“Една” е 11-минутна анимација која беше инспирирана од бегалската криза, каде што Македонија како транзитна земја ја проследи реката човечки судбини. Во суштина, “Една” е љубовна приказна поставена во многу необични околности, раскажана на многу апстрактен и поетски начин. Анимацијата е целосно изработена во рачен цртеж и на авторот му беа потребни речиси три години за да ја изработи оваа магична анимација.
“Една”е копродукција помеѓу Македонија и Белгија, и е поддржана од македонската Агенција за филм. Продукцијата целосно се одвиваше во Македонија, а постпродукцијата во Германија, каде што беше работен звукот, Франција – каде што се изработуваше музиката и Белгија, каде што се работеше лабораторијата и миксот. Сценариото е на Теона Стругар Митевска, музиката е изработена од Оливие Самујо, звук Емил Клотц, монтажа на Благоја Неделковски и Ванчo Мираковски, асистент аниматор Марија Коробар.
По претходниот голем успех на повеќекратно наградуваната анимација “Алерик”, ова е четврта анимација на Вук Митевски.