Наука

Човекот го загади и најдлабокото место во Тихиот Океан

 

Загадувањето на океаните со пластика не е изненадување за никого повеќе, но и покрај тоа, веста дека во најдлабокиот процеп на светот – Маријанската Бразда – е пронајдено пластично ѓубре, е вознемирувачка и непријатна.

Маријанската бразда се наоѓа во Тихиот Океан на околу 200 км источно од Маријанските Острови по кои го добила и името, и претставува најдлабокиот природен процеп на светот. Има форма на полумесечина, со просечна должина од околу 2 550 километри и ширина од 69 километри. Најголемата измерена длабочина на овој процеп изнесува 10 994 метри, иако, според некои неофицијални мерења, најдлабоката позната точка се наоѓа на 11 034 метри. За споредба, кога планината Монт Еверест би ја потопиле во Маријанската Бразда, нејзиниот највисок врв би бил 2 километри под вода.

Американскиот нуркач Виктор Весково на 1 мај, во склоп на мисијата за истражување на најдлабоките морски пространства, се спуштил на длабочина од 10 927 метри, а од неговиот тим велат дека тоа е најдлабокото самостојно нуркање во историјата. Тој за 16 метри го собори рекордот во нуркање што од 1960 година го држеа океанографите Дон Волш и Жак Пикард, и со тоа стана првиот и единствен човек на светот кој го освоил и врвот на светот (се има искачено на Монт Еверест) и дното на светот.

За жал, 53-годишниот финансиер, пензиониран морнарички офицер и подводен истражувач, кој се спушти со подморницата наречена The Limiting Factor, на дното на океанот пронашол предмети за кои е очигледно дека не припаѓаат таму. Едниот од предметите имал квадратна форма, а другиот триаголна, изгледале како некаков вид на амбалажа со лого на производител кое не се гледало јасно, за кои тој претпоставува дека се од пластика. Не може со сигурност да потврди за какво точно ѓубре станува збор, но е сигурен дека е нешто што е создадено од човекот, а не организам кој живее на тие длабочини.

Нуркачот се изненадил и кога открил дека во такви сурови и непријателски услови, на длабочина од речиси 11 километри, при притисок на водата од 1086 бари и температура околу нулата, сепак има жив свет. Научниците од неговиот тим ќе испитуваат некои од суштествата кои ги пронашол за да утврдат дали и во колкав процент имаат во себе пластика.

 

Слични написи

Пролет со Digipath: одржани бесплатни онлајн работилници за деца

dart

На кои начини комуницирале диносаурусите?

Biba

Откриен е брод за кој се мислело дека не постои

admin

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.