Психологија

Социјалната изолација во тинејџерските години може да доведе до хронични болести подоцна во животот

 

Тинејџерите се можеби во право кога нивните проблеми поврзани со друштвото и пријателите ги сфаќаат како прашања на живот и смрт. Не е лесно да се биде отфрлен и изолиран од друштвото.

Потсмевањето и исклучувањето од друштвото стана еден вид на ритуал низ кој поминуваат младите луѓе во периодот на адолесценција, но тоа може да остави трајни последици по нивното здравје, особено ако се повторува.

Студија во која учествувале тинејџерки отфрлени и изолирани од друштвото, покажала дека како последица на тоа што го доживуваат, можат да имаат оштетен имунолошки систем. Доколку низ такви ситуации поминуваат континуирано, последиците за нивното здравје можат да бидат полоши: се зголемува ризикот од добивање на дијабетес, срцеви болести, мозочен удар, ментални болести и некои видови на рак во подоцнежните години од животот, дури и кај оние девојчиња кои биле на врвот на тинејџерската социјална хиерархија. Истражувачите во поранешни студии утврдиле дека негативните искуства порано во животот, можат да предизвикаат ментални и физички болести подоцна.

За да утврдат како социјалниот стрес се одразува на имунолошкиот одговор, истражувачи под водство на професорот Мајкл Марфи од Универзитетот на Британска Колумбија во Ванкувер, Канада, испитувале 147 млади жени на возраст од 15 до 19 години, кои биле под висок ризик да станат депресивни бидејќи или имале родител или брат/сестра со депресија, или затоа што постигнале висок скор на тест за ставови поврзани со депресивно размислување. Претходни истражувања покажаа дека отфрлувањето води кон депресија која предизвикува реакција на имунолошкиот систем и дека социјалниот статус може да го намали или влоши влијанието врз имунитетот.

Истражувачите се среќавале со учесничките на секои шест месеци во текот на 2,5 години. Тие им земале примерок од крвта, ги интервјуирале за нивниот социјален живот и за изложеноста на одбивање и отфрлање од врсниците, и го проценувале нивното расположение. Девојчињата требале да го рангираат нивниот социјален статус на скала која ја симболизирала нивната училишна социјална и академска хиерархија.

Авторите откриле дека девојките кои неодамна биле жртва на булинг (силеџиско однесување), отфрлање и исклучување од друштвото, во крвта имале повисоки нивоа на супстанци кои покажуваат активирање на гените одговорни за производство на два специфични инфламаторни протеини.

“Овие податоци покажуваат дека изложеноста на отфрлање од друштвото активира молекуларни сигнални патишта кои ги регулирираат воспаленијата. Доколку изложеноста трае подолго време, овие сигнали за воспаленија се зајакнуваат и можат да предизвикаат доживотни здравствени компликации”, велат авторите на истражувањето.

Но, и девојките кои се рангирале високо во друштвото биле изложени на стрес кој влијае негативно на нивното здравје. Утврдено е дека тие се изложени на многу посилен стрес затоа што можат повеќе да изгубат, особено затоа што се наоѓаат на врвот на социјалното скалило.

“Ова е прва студија која ја докажува поврзаноста на отфрлањето од друштвото со активирањето на одредени гени. Заради тоа што покажува дека социјалните услови го зголемуваат ризикот за различни болести поврзани со воспаленија, влучувајќи дебелина, дијабетес, кардиоваскуларни болести, одредени типови на канцер и депресија, овие откритија имаат исклучително значење”, велат авторите.

 

Слични написи

Интересни факти за човечката психа кои се помалку познати

Biba

„Не сакав да го завршам животот, сакав само да прекине болката…“ 

admin

Добрата организација е облик на грижа за самите себе

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.