Психологија

Оптимизмот е добар за духот, но и за телото

Имунолошкиот систем станува посилен кога личноста е пооптимистична, тврдат научници од Универзитетот Кентаки.

Оптимизмот не е добар само за состојбата на вашиот дух. Гледањето на чашата како до половина полна, наместо половина празна, исто така го јакне и вашиот имунитет. Истражувањето на научниците од Универзитетот Кентаки е доказ за ова тврдење.

Во истражувањето учествувале 124 студенти. Тие во текот на една академска година пополниле пет прашалници кои го мереле оптимизмот и поминале неколку лекарски прегледи и тестирања. Конкретно, за време на медицинските испитувања, под кожата на студентите им била вбризгана мала доза на кандида и на вирусот заушки. По нанесувањето на овој “коктел”, на кожата на студентите се појавил мал плик затоа што имунолошкиот систем почнал да делува. Со мерење на величината на овој плик, научниците можеле да ја проценат силината на имунолошката реакција.

Во текот на предавањата и на испитите нивото на оптимизам растело и опаѓало. Зависно од оптимизмот, растела и опаѓала и имунолошката моќ. “Се покажа дека оптимизмот влијае на имунолошкиот систем делумно преку интензивирање на позитивните мисли”, вели Сузан Сегерстром, која го водела истражувањето.

Според неа, тоа што една иста личност со своите гени и со карактерот манифестира различна имунолошка отпорност кога е полна со оптимизам, односно со песимизам, јасно покажува поврзаност меѓу двата домени – телесниот и психичкиот.

Следен чекор на истражувачите е да откријат дали истото важи и за постарите лица, кои се многу поранливи на болести и инфекции. Откритието би можело да има важни импликации во контекст на психолошките советувања и терапијата на пациентите.

Психолошките третмани најчесто се насочуваат кон намалување на негативизмот. Сега е јасно дека обрнувањето внимание на позитивното може да биде многу корисно. Во здраво тело – здрав дух, но се чини дека важи и обратното.

Слични написи

Колку е вистина дека интелигентните луѓе се посреќни кога се сами

Biba

Како да бидете посреќни и позадоволни во пет чекори

admin

Младите девојчиња се под стрес заради притисоците што ги наметнува современото општество

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.