Забава

Најпознати филмски адаптации на книги од Стивен Кинг

 

Стивен Кинг го знаат сите и секој бил уплашен од него во некој момент. Тој е мајстор на ужасот кој има поголемо влијание врз жанрот хорор отколку кој било друг автор од неговата генерација. Со адаптациите на неговите книги и кратки приказни последниве години, Кинг никогаш не бил попопуларен од денес.

Како еден од најплодните автори во последните 40 години, Кинг има напишано над 50 новели, од кои многу биле адаптирани за големото платно – некои повеќе, а некои помалку успешно.

 

Следува избор на најдобрите адаптации од Стивен Кинг за големиот екран:

1. The Shinig (1980)

The Shinig (Сјаење) е врв на сите адаптации од Стивен Кинг и еден од најдобрите хорор-филмови на сите времиња. Во режија на големиот Стенли Кјубрик, Сјаење е хипнотичко и длабоко ужаснувачко искуство. Со извонредни визуелни ефекти, силен симболизам и мрачни претскажувања, Кјубрик ни прикажува зашеметувачка приказна за изолација, лудило и злобни духови.

Џек Николсон доловува психотичен убиец како ретко кој друг, а Шели Дувал со својата глума низ Кјубриковата замисла за чист терор прави да ни се наежи кожата. Скетман Кротерс додава дополнителна тежина на целото застрашувачко искуство, а гласот на младиот Дени Лојд во улогата на Тони е морничав, особено кога мавта со голем нож во раката и мрмори “redrum” (анаграм на англискиот збор за убиство – murder).

И покрај тоа што овој филм не е директна адаптација на изворниот материјал на Кинг и добро е познато дека и самиот автор го мразел крајниот производ, сепак, мора да се признае дека Сјаење виден низ очите на Кјубрик има огромна привлечна моќ.

Деновиве во кината ширум светот е актуелно продолжението на Сјаење – Доктор Сон (Doctor Sleep), според истоимената книга на Стивен Кинг.

 

2. Misery (1990)

Застрашувачки во својата едноставна, но реалистична идеја, Мизери е речиси совршена адаптација на една од најдобрите новели на Кинг. Џејмс Кан во улогата на Пол Шелдон е добар, иако не и најочигледен избор за улога на автор на романтична фикција, но Кети Бејст е на едно сосема друго ниво. Таа е како родена да ја игра улогата на лудата обожавателка Ени Вилкис, која го згрижува Шелдон по неговата сообраќајна несреќа и насилно го врзува за кревет, и сосема заслужено го доби Оскарот за најдобра актерка за својата изведба.

Најозлогласената сцена во филмот е различна од онаа во книгата која е грозоморна, но и нејзината филмската верзија е доволно страшна за да го згрчи гледачот од ужас. Режисерот Џорџ Рој Хил се откажал од снимање токму заради оваа сцена, па режијата ја презел продуцентот Роб Рајнер, кој морал да ја измени оваа сцена за да може да се сними филмот.

Прв избор за улогата на Пол Шелдон бил Ворен Бити, но именуваната сцена толку го вознемирувала што на крај, сепак, не ја прифатил. Други актери кои ја одбиле улогата на Пол Шелдон се: Дастин Хофман, Мајкл Даглас, Харисон Форд, Ал Пачино, Џин Хекман, Роберт Редфорд, Кевин Клајн и Ричард Драјфус.

За улогата на Ени првобитно била предвидена Бет Мидлер која одбила, но потоа изјавила дека била глупава што се откажала од таква улога.

 

3. The Shawshank Redemption (1994)

Некои го сакаат, некои го презираат, но мора да се признае дека Кинг знае да напише квалитетна приказна. Уште една адаптација на една од неговите кратки приказни е The Shawshank Redemption – едноставна, но длабока приказна за надежта и искупувањето, исполнета со незаборавни карактери, дијалози и сцени.

Енди Дуфрезне на Тим Робинс има централна улога во филмот со која публиката сочувствува, но Ред на Морган Фримен е оној кој тивко го краде шоуто. Неговата улога не е атрактивна, но Фримен мајсторски ја одигрува.

 

4. Carrie (1976)

Од вознемирувачкиот почеток до шокантниот крај, Кери е реперот според кој се мерат сите филмски адаптации на Кинг. Неговата прва новела и прва филмска адаптација на неговата работа прикажува ужаснувачка приказна, а режисерот Брајан де Палма одлично ја завршува својата работа.

Фамозната сцена на матурската забава е вистинска класика, која им е позната дури и на луѓето кои не го гледале филмот.

 

5. The Green Mile (1999)

Најмногу е познат по хорорите, но Кинг е експерт и за малку полесните жанрови. Зелената милја е драма, но иако има и натприродни елементи, допира и до публиката која не е типичен обожавател на Кинг.

Том Хенкс е одличен во улогата на припадник на работничката класа кој само си ја работи својата работа како чувар во затвор, а Мајкл Кларк Данкан е брилијантен во улогата на нежен џин кој чека извршување на смртната казна. Зелената милја целосно го окупира вниманието на гледачот, а со честото прикажување на ТВ-екраните стана еден вид на современ класик.

 

6. Stand By Me (1986)

Stand By me е културолошки стандард, апсолутен класик. Носталгична приказна за созревањето во која настапуваат некои од најталентираните млади актери (Ривер Феникс, Вил Витон, Кифер Сатерленд, Кори Фелдман), и самите на работ на созревање.

Од колекцијата книги на Кинг кои не се хорори, Stand By Me е еден од ретките филмови кој е трогателен и искрен, без да биде премногу сентиментален. Еден од најдобрите филмови за созревањето, со популарен саундтрак, Stand By Me го издржа тестот на времето и остана еден од најдобрите филмови снимени според книги на Кинг.

 

7. The Dead Zone (1983)

Кристофер Вокен го глуми Џони Смит, човек кој – откако ќе се разбуди од кома открива дека има способност да ги чита тајните на луѓето така што ќе ги допре. Мртвата зона е вознемирувачки психолошки трилер на Дејвид Кроненберг со многу страшни сцени, во кој настапуваат Мартин Шин, Кристофер Вокен и Том Скерит.

 

8. Pet Sematary (1989)

Нагласувајќи го најстрашниот кошмар за секој родител, Гробишта за миленици е една од најстрашните новели на Кинг. Филмот вклучува неколку вистински страшни сцени и можеби некои од најзастрашувачките секвенци на флешбек што кога било се снимени. На моменти остава впечаток на глупава и несмасна забава, но буди интересни прашања за моралноста, смртта и како се справуваме со тагата.

Филмот вклучува индијански гробишта, мачка-зомби, крволочно детенце и страшен крај. Понекогаш смртта е навистина подобра.

 

9. Christine (1983)

Понекогаш навистина се прашуваме каде Кинг ги наоѓа своите идеи. Кристина има апсурдна приказна: злобен автомобил кој размислува со сопствен ум. Но некако, на некој начин, ова има ефект. Сопственикот на автомобилот се трансформира од супербубалица во карактер негативец со кожна јакна, кој како да е излезен од филмот Брилијантин.

Ако го занемарите вашето неверување и вџашеност, ве очекува одлична забава со овој филм, благодарение на солидната режија на Џон Карпентер и фантастичната рокенрол музика.

 

10. 1408 (2007)

1408 можеше да биде апсолутен губитник: филм базиран на кратка приказна за човек заробен во хотелска соба, кој можеби, но можеби и не, го губи разумот. Наместо тоа, спасен од Џон Кјузак кој е секогаш вреден да се види, ова е возбудлива и уверлива приказна за духови. Семјуел Л. Џексон е изненадувачки воздржан како менаџер на опседнатиот хотел, и, и покрај тоа што приказната не е посебно оригинална, успева да ја задржи атмосферата на ужас низ целиот филм. Со фокус на психолошката тензија наместо на крвави сцени, овој филм е вистинско морничаво хорор уживање.

 

Филмски адаптации од книги на Стивен Кинг кои не се вклучени во оваа листа, но се екстремно популарни и вредни за споменување и гледање:

 It: Chapter Two (2019)

Doctor Sleep (2019)

In The Tall Grass (2019)

It (2017)

1922 (2017)

Gerald’s Game (2017)

The Dark Tower (2017)

Cell (2016)

Children Of The Corn

The Mist (2007)

Dolores Claiborne (1995)

Firestarter (1984)

Cujo (1983)

 

Слични написи

Град на Алјаска кој се вклопува во една зграда

dart

Зошто ги гризете усните кога слушате музика што ви се допаѓа или додека танцувате

Biba

Бизарен тренд – порно филмови и слики со Lego фигури

admin

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.