Здравје

Колку чоколадо е премногу?

 

Колку чоколадо на ден е премногу?

Веројатно уште самиот наслов ве натера да подголтнете, но најголемите љубители на чоколадо ќе останат разочарани од овој текст.

Нутриционистите се едногласни дека темното чоколадо со поголем процент какао е поздраво од млечното. Содржи флавоноиди кои се антиоксиданти, имаат антиинфламаторно дејство и ги шират крвните садови. Тоа значи дека го намалуваат крвниот притисок, со што се намалува ризикот од срцеви заболувања. Според нутриционистите, возрасните треба да јадат најмногу осум коцки или два реда (темно) чоколадо на ден, а децата половина од таа доза – само еден ред или четири коцки.

За тоа колку често е дозволено да се јаде чоколадо советуваат секој сам да одреди, зависно од здравствената состојба и состојбата на забите. Стоматолозите велат дека после секое парче слатка храна нивото на киселост во устата драматично се зголемува и останува високо цел час откако ќе престанеме да јадеме благо. Kога нивото на киселост останува високо во текот на целиот ден (ако постојано поткаснувате нешто благо), се изложувате на сериозен ризик од расипување и гниење на забите.

Тешко е да се поверува дека нешто толку слатко може да има и негативна страна, но да видиме кои се недостатоците од јадење премногу чоколадо.

Дебелеење. Чоколадото содржи многу калории, а вишокот калории доведува до дебелеење. Преголемата тежина може да резултира со многу здравствени проблеми како што се срцеви болести, дијабетес и висок крвен притисок.

Гастроинтестинални тешкотии. Чоколадото содржи кофеин и има висок процент на киселост (т.е. ја намалува ПХ вредноста на дигестивниот систем). Кофеинот е стимуланс кој го влошува синдромот на иритабилни црева и предизвикува дијареа. Од друга страна, храната со висок процент на киселост може да го зголеми излачувањето на желудечна киселина што резултира со печење или жарење во хранопроводот и ждрелото, гастроезофагеален рефлукс и воспаление на веќе постоечки чир на желудникот.

Високо ниво на калиум. Чоколадото содржи високо ниво на калиум, што за повеќето луѓе не претставува проблем. Но оние кои имаат болести на бубрезите и на надбубрежната жлезда треба да внимаваат да не внесуваат храна што содржи високи нивоа на калиум за да не ја зголемат вредноста на овој минерал во крвта. Во 50 гр чоколадо има повеќе од 200 мг калиум.

Компликации настанати заради шеќерот. Чоколадото содржи многу шеќер. Во спротивно, би било премногу горко за да може да се јаде. Високите нивоа на шеќер можат да предизвикаат расипување на забите и болести на непцето. Друг проблем кој може да се случи заради внесување на огромни количини на шеќер во организмот секојдневно, е зголемувањето на ризикот од дијабетес.

Знаејќи го сето ова, сами одлучете која количина на чоколадо е најдобра за вас.

 

Слични написи

Заштитете ги очите од штетните сончеви зраци

dart

Од четирите најчести пози за спиење, само една обезбедува вистински одмор

dart

Витамини и минерали кои ублажуваат настинка и грип

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.